Исклучителниот руски пијанист Евгениј Корољов вечерва, во 20 часот, ќе одржи рецитал во Камерната сала на филхармонијата. На програмата се пет антологиски дела за пијано од големиот германски композитор Лудвиг ван Бетовен чие творештво годинава се чествува низ целиот свет, по повод 250-годишнината од неговото раѓање.

Рускиот пијанист Евгениј Корољов (1949), роден во Москва каде што и студирал на Московскиот конзерваториум, живее и работи во Хамбург, а од 1978 година е професор на тамошниот Колеџ за музика. Заедно со својата сопруга, македонската пијанистка Љупка Хаџигеоргиева, го формира дуото „Корољов“, со кое настапува низ светот и од своето постоење (1976) добива значајни награди. Во 2011 година, дуото сними цеде со дела од Бах. Евгениј Корољов уште како студент се истакнал со врвна пијанистичка техника, за што бил наградуван на меѓународни натпревари. Тие му овозможиле интернационална кариера и настапи во Источна и Западна Европа, Канада и во САД. Корољов, покрај делата од периодот на класицизмот и романтизмот, како и делата од современиот репертоар, отсекогаш бил заинтересиран за творештвото на Ј.С.Бах. На 17 години во Москва ќе го изведе неговиот „Добро темпериран клавир“ и оттогаш постојано го изведува Бах, особено „Голдберг варијациите“ и „Уметноста на фугата“. Настапувал на значајни фестивали низ светот, како солист, но и како камерен музичар со видни музичари, меѓу кои и со виолончелистите Миша Мајски и Наталија Гутман или виолинистот Кристоф Барати.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.