Со македонската премиера на „Хомо“ на Игор Иванов на покривот на ГТЦ како и концерт на Здружението на џез музичари и слободни уметници, вечерва завршува 19-тото издание на фестивалот за европски филм „Синедејс“.

Прикажувањето на „Хомо“ ќе започне во 20 часот, а претходно ќе бидат доделени и овогодинешните награди.

Инаку, фимот прикажува шест лица, шест состојби во луцидно поврзани епизоди проткаени со црн хумор. Безнадежните ликови случајно се среќаваат во модерната метропола, при бескрајни обиди да опстанат и најдат малку среќа. Невработениот дипломец станува гробар, ужалената вдовица – монахиња, свештениците се коцкаат, а со судовите владеат гангстери. И кога изгледа дека надежта е мртва, едно осамено момче успева да пронајде љубов.

Улогите ги толкуваат Александар Матовски Цако, Наташа Петровиќ, Сергеј Димовски, Игор Ангелов, Јордан Симонов, Мајлинда Косумовиќ, Сашко Коцев, Оливер Митковски.

Од 23 часот, пак, започнува музичката завршница со концертот насловен „Волшебна ноќ“ на ЗЏМ Колектив, придружуван од гудачки оркестар.

Колективот е составен од Трајче Велков – труба, Кирил Кузманов – алт саксофон, Сашко Николовски – тромбон, Зоран Костадиновски – гитара, Гордан Спасовски – пијано, Дарко Мучев – бас, Кирил Туфекчиевски – контрабас и Гоце Стевковски – тапани.

Билетите по цена од 200 денари може да ги набавите на билетарница во МКЦ и онлајн.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.