Со проекција на францускиот филм „Мајка и син“ во режија на Леонор Сераије вечерва во 21 часот во Центарот за култура во Битола почнува 43. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера (ИФФК) „Браќа Манаки“.

Директорка на фотографија на „Мајка и син“ е Елен Лувар, а филмот премиерно беше прикажан на Канскиот фестивал годинава. Лувар е една од најпознатите кинематограферки на денешницата, со импресивна филмографија од околу сто наслови, меѓу кои и филмови режирани од Агнес Варда, Алис Рорвахер, Вим Вендерс, Клер Дени, Меги Гиленхал итн.

Ова е петти филм на Лувар кој се прикажува во Главната програма на „Браќа Манаки“, откако претходно нејзините филмови играа: во 2003 година „Затвор“ (The Cage) во режија на Ален Раус; 2012 година „Атомска ера“ (Atomic Age), во режија на Хелена Клоц; „Невидливиот живот на Евридика Гузмао“ (The Invisible Life of Euridice Gusmao) во режија на Карим Ајнуз, 2019 година – за кој ја доби „Златната камера 300“ – и минатата година „Мурина“, во режија на Антоанета Аламат Кусијановиќ.

Мотото на годинашниот фестивал е „Реалноста не е доволна“. Во Битола веќе пристигна Ентони Дод Ментл, добитникот на „Златна камера 300“ за животно дело, која ќе му биде врачена вечерва. Во текот на денешниот ден ќе пристигнат и Дариа Д’ Антонио, кинематограферката на филмот „Божја рака“ на Паоло Сорентино, која по утрешната прес конференција ќе одржи мастер клас, Маја Богојевиќ и Мелиса Созен, членки на меѓународното жири за главната селекција, актерката Ева Херциг, потоа кинематограферот Душан Јоксимовиќ, Јасмин Башиќ, член на жирито за документарната селекција, кинематограферот Бен Гуез, Најџел Волтерс почесниот член на ИМАГО и многу други.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.