Со претставата „Вујко Вања“ во изведба на Југословенски драмски театар, а во режија на Егон Савин вечер на сцената на Антички ќе биде спуштена завесата на 62. издание на фестивалот „Охридско лето“.

„Вујко Вања“, како што забележа денеска на прес-конференција селекторката на драмскиот дел од Фестивалската програма Сања Арсовска, е уште едно дело кое зборува за емотивните фрустрации, несреќните љубови и за немоќта да се вратат и поправат работите, кои донеле до некое емотивно мртвило и автодеструкција.

Сведочејќи на целиот емотивен хаос и една колективна хистерија во која владее некако да се има Чехов во тетатрската програма на фестивалот си дојде природно, затоа што Чехов претставува еден вектор кој ја одредува количината на несреќа и квалитетот на болка и никој како него не може да го опише тој жеден мазохист за страдање, кој се наоѓа во нашите мали, бедни и промашени животи, како и оној порив да се направи нешто, да се тргне некаде, а без притоа да се направи ниту еден чекор, истакна Арсовска.

За режисерот Егон Савин, Чехов е најсуптилен меѓу писателите за театар.

Чехов од некои причини, е писател за човечката интима и тешко е да се игра на големи сцени и на отворен простор зашто тој во својата природа е камерен писател и неспоредливо е важна импресијата од експресијата. Веруваме дека сме направиле добра претстава и ќе вложиме огромен напор да го совладаме огромниот атрактивен простор на Античкиот театар и да се обидеме да го доловиме тој интимен свет, приказната за малите промашени луѓе кои чувствуваат празнина, рече Савин.

Директорката на Југословенскиот народен театар Белград, Тамара Вучковиќ Манојловиќ посочи дека институцијата настанала во 1947 година со идеја да ги собере на едно место најдобрите уметници од целата земја, она што денес го велиме цел регион и тоа е континуитет до денес. Тоа го потврдува работата на повеќе македонски режисери меѓу кои Слободан Унковски, Александар Поповски, Дејан Дуковски, Горан Стефановски, како и бројни други уметници од целиот регион.

Она што беше идеја на Југословенскиот драмски театар има сериозен континуитет во меѓународната соработка, учествува на фестивали ширум светот и разменува претстави со театарски куќи од целиот свет, од Јужна Америка преку Европа, Русија, до Кина. Она што е исто така важно да се каже, е дека Егон Савин е еден од најеминентните режисери кој работи во целиот регион и редовно во Југословенскиот народен театар, истакна Вучковиќ Манојловиќ.

Директорката на националната установа „Охридско лето“ изрази задоволство, за, како што рече, уште едно успешно реализирано Фестивалско издание.

Реализиравме фестивалско издание кое ги задоволи вкусовите и на најпребирливата публика. На сцените на Античкиот театар, црквата Св.Софија, Предворјето на Св. Софија, Долни Сарај и Центарот за култура со одржаа 36 концерти, девет театарски претстави и шест настани во дополнителната програма. Настани кои беа проследени од над 20 илјадна публика која уживаше во секоја една вечер, истакна Поповиќ.

Низ 40-те Фестивалски денови, додаде, можеше да се видат големи музички ѕвезди, врвни театарски престави, премиери, настани за кои се бараше карта повеќе но и гости од целиот свет. Бевме сцена на која се прикажаа многу новитети во третманот на уметноста, во новите естетики, во новите видувања на уметничките дела.

Позитивната критика и задоволството што го искажаа уметниците за беспрекорната организација не прави горди но и не обврзува секоја следна година да ги подобруваме условите за нивниот настап. Во таа насока веднаш по завршувањето на ова Охридско лето започнуваме со подготовка на програмата за 63-то издание за кое можам да најавам многу новини, многу славни имиња а веќе се договорени и неколку копродукциски проекти. Ваквата соработка ќе овозможи подобро наше претставување на светската културна сцена, забележа директорката.

И селекторките на музичкиот и драмскиот дел од програмата Бисера Чадлоска и Сања Арсовска се задоволни од изборот, посетеноста на настаните, но и позитивната критика од публиката и уметниците.

Се радувам што имавме задоволна публика и на одзивот на уметниците, кои беа присутни на Фестивалот. После секој концерт во разговор со нив тие беа импресионирани прво од градот, беа презадоволни од приемот. Тие што доаѓаат прв пат не веруваа дека ќе налетаат на ваква убавина. Тоа само ги инспирираше да направат поубав настап. Пресреќна сум што имавме успешно издание оваа година, нагласи Чадлоска.

Нагласи дека е посебно горда на нашите македонски уметници, кои се покажаа во најдобро светло и докажаа дека можат да се носат рамо до рамо со сите светски музичари на ова време, а инпресионирана била и од квалитетот на гудачките квартети, како и пијанистите што настапија на ова фестивалско издание.

За драмскиот дел од програмата, селекторката Арсовска, ја радува големата посетеност и како што рече тоа и дава еден порив, желба силна за следната година да имаме уште поголема и подобра програма.

Понесени од позитивната критика, директорката и двете селекторки ветија дека веднаш ќе почнат со подготовка на 63. „Охридско лето“, со цел, како што подвлекоа, да се надминат себеси и да направат уште подобро фестивалско издание

На 62. издание на фестивалот „Охридско лето“ учествуваа над 1.000 уметници од 25 земји Србија, Чешка, Либан, Италија, Словенија , Полска , Франција, Албанија , Аргентина, Турција, Израел, САД, Унгарија, Украина, Шпанија, Австрија, Црна Гора, Грција, Косово, Велика Британија, Германија, Азербејџан, Кина, Шведска и секако уметници од Република Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.