Со перформансот „Живот за еден сон“ на големата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ) утре, на први ноември, во 20 часот Факултетот за драмски уметности (ФДУ) ќе го одбележи 50 годишниот јубилеј.

Освен јубилејот, 50 години од постоењето на ФДУ ќе се одржи и 28. издание од меѓународните студентски средби на академиите и факултетите за драмски уметности „Скомрахи“.

Кореографијата на „Живот за еден сон“ е на професорката Кренаре Невзати Кери, а во реализацијата се вклучени и професорката Зоја Бузалковска, активни студенти и голем број дипломирани студенти.

На прославата во МНТ се поканети сите дипломирани студенти на ФДУ. До први октомври имаме 655 дипломирани студенти и околу 80 магистри и доктори на науки кои поминале низ ФДУ, рече деканот на Факултетот Лазар Секуловски.

Перформансот ќе биде сценскоизведувачки и аудиовизуелен омаж за уметноста, уметниците, професорите, студентите и за ФДУ. Посветен е на сите оние што имаат свој сон од детството, па до последниот миг. Посветен е на ФДУ, на моите студенти, актери, моите колеги. Повикани се голем број студенти, актери и перформансот ќе биде една своевидна ревија на се она што ние за 50 години го имаме како капацитет, изјави Невзати, која 25 години работи како професор на ФДУ.

Мими Таневска – Србиновска, продеканката на ФДУ се заблагодари на Невзати што им го разубавела просторот додека се подготвувавал перформансот.

Никогаш повеќе не продефилирале толку познати актери, а наши поранешни студенти. Во нејзината претстава има еден чуден спој на првата генерација диполомирани актери на ФДУ од 1969 година во која што учестуваат сега веќе пензионираните Лилјана Велјанова и Петар Арсовски и бруцоши што оваа година се запишаа на Факултетот, рече Таневска – Србиновска.

Годинашното издание на „Скомрахи“ ќе трае до 5 ноември и освен гостувања од Сараево, Загреб, Љубљана, Софија, Белград ќе има и промоција на книгата за прерано починатиот режисер Златко Славенски „ТВ бокс, теоретски прилози и филмско сценарио“. Студентите од продукција се задолжени за придружната програма на „Скомрахи“ која се состои од музичка програма, ќе има и изложба.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.