Со претставата „Народен непријател“ од Хенрик Ибзен, Македонскиот народен театар вечерва во 20 часот во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп ќе се отвори 56. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. Претставата е во режија на Нина Николиќ, а играат: Никола Ристановски, Звездана Ангеловска, Дарја Ризова, Јана Вељановска, Ана Арсовска, Благој Веселинов, Петре Арсовски, Сашка Димитровска, Александар Михајловски, Нино Леви и Мартин Ѓоргоски.

Селектор на фестивалот е Иван Додовски.

Добитници на наградите за животно дело на Фестивалот се актерката Бедиа Беговска, една од најреспектираните и најоригиналните ѕвезди на современото македонско глумиште и
Русомир Богдановски, драматург, автор на драми, драматизации, филмски и телевизиски сценарија.

Наградите ќе им бидат врачени вечерва.

Избрани се претстави од голем формат и со силен режисерски печат. Прави впечаток дека во редот на искусните режисери, како Миќуновиќ и Милчин, се приклучуваат и силни режисерски имиња од средната и од помладата генерација. Исто така, во овие претстави можат да се издвојат значајни актерски, драматуршки, сценографски, костимографски и композиторски остварувања. Официјалната програма на овој најзначаен домашен театарски фестивал во 2022 година ќе овозможи да се гледа театар што го премостува хијатусот на затворањата и стравот. Тоа е театар што нуди критички и отрезнувачки поглед кон самите нас, изјави Додовски.

Во официјалната фестивалска програма ќе учествуваат осум претстави во продукција на македонски театарски куќи.

-„Артуро Уи“ од Бертолт Брехт, во режија на Ќендрим Ријани, во изведба на Народниот театар од Битола,

– „Бракот на Марија Браун“ од Рајнер Вернер Фасбиндер, во режија на Драгана Таневска, во изведба на Народниот театар од Струмица,

-„Вишновата градина“ од Антон Павлович Чехов, во режија на Владимир Милчин, во изведба на Турскиот театар од Скопје,

-„Декамерон“ според Џовани Бокачо, во режија на Мартин Кочовски, во изведба на Народниот театар од Прилеп,

-„Јазли“ од Рефет Абази, во режија на Куштрим Бектеши, во изведба на Албанскиот театар од Скопје,

-„Клетвата на Скотје“ од Нил Сајмон, во режија на Синиш Евтимов, во изведба на Театар Комедија од Скопје,

-„Се викам Горан Стефановски“ (My name is Goran Stefanovski), во режија на Бранислав Миќуновиќ, во изведба на Драмски театар од Скопје.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.