Вечерва во фоајето на Националната опера и балет (НОБ) во 20 часот ќе се одржи концертот „Света Злата слави“ со кој женскиот камерен хор „Св. Злата Мегленска“ слави 25 години јубилеј. Со хорот ќе диригира Летка Димовска – Полизова, а гости на концертот се светски познатиот гитарист Влатко Стефановски, Сања Шуплевска на виолина, Орце Ицковски – фагот – камерен ансамбл „Полифонија“, Давор Јордановски аранжман и клавијатури, Калина Велковска – Кали – вокал и Иван Еминовиќ на пијано, информираат од Дирекцијата за култура и уметност на Град Скопје.

Ќе бидат изведени дела од Прокопиев, Шуолевски, Скаловски, Зографски, Стојков, Лековски, Запров, Д. Имери, Д. Јордановски, Бортњански, А. Л. Вебер, Б.Б. Кинг, Лари Брајант.

„Св. Злата Мегленска“ од Скопје е женски камерен хор, формиран е во 1996 година при Македонската Православна Црква, со благослов на Митрополитот Полошко- кумановско г. Кирил.

„Св.Злата Мегленска“ преку своето 25 годишно континуирано работење, стана хорски расадник и културен храм, каде со огромна љубов и посветеност ги стави сите хорски жанрови во функција на афирмирање на домашните автори, композитори и аранжери. Но, приоритетен предизвик е афирмирање на првичните пројавувања на младите академски музичари, соло пејачи и вљубеници во хорската музика. Многу млади соло пејачи, музичари и студенти на ФМУ Skopje, токму со хорот „Св. Злата Мегленска“, како редовни хор-солисти го имаа првото солистичко деби започнувајќи ја својата солистичка кариера (Ана Дурловски, Милена Арсовска, Николина Јаневска, Катерина Стојановска, Билјана Јосифов, Ирена Крстеска, Ивана Здравковска….)

„Св.Злата Мегленска“ во јавноста е познат како културен амбасадор и реализатор на низа значајни меѓународни и државни фестивали, натпревари, концерти, предавања и слични настани од областа на културата. Карактеристични и општо познати активности на хорот преку истоименото Здружение, се организацијата на манифестацијата „Божик – Слава“, Велигденски концерт „Воскресение твое“ “, организација на првиот фестивал на византиско пеење „Јустинијан први“, презентацијата на хорски дела на младите автори, поттикнување на творештвото на најмалдите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.