Во Филхармонија вечер ќе се одржи концертот насловен „Филхармонија во срцето“, при што ќе настапи Камерниот оркестар на Филхармонија со солистите Елена Дојчинова – флејта и Владимир Лазаревски – обоа. Диригент ќе биде Дијана Имери Илкоска.

Од Филхармонијата соопштија дека со овој концерт се вклучуваат во чествувањето на два значајни јубилеи – 180 години од раѓањето на чешкиот композитор Антонин Дворжак и 160 години од раѓањето на рускиот композитор Антон Аренски.

На програмата се „Варијации на тема од Чајковски“ од Аренски, „Серенада“ од Дворжак и „Класична суита“ за камерен оркестар, флејта и обоа од македонскиот композитор Томислав Зографски.

Рускиот композитор Антон Аренски „Варијациите на тема од Чајковски“ ги напишал во 1864 година и тие претставуваат емотивна посвета на Петар Илич Чајковски. Првобитно напишани за гудачки квартет, „Варијации на тема од Чајковски“ по премиерата доживеале исклучителен успех и Аренски ги адаптирал за гудачки оркестар. Од тогаш се делото се изведува многу често на концертните подиуми и важи за негово најпознато остварување. Варијациите се во корелација со целокупниот творечки импулс, препознатлив за романтичарска музичка мисла на Антон Аренски.

Томислав Зографски е македонски композитор и еден од најистакнатите претставници на македонската современа музика во втората половина на 20 век. Тој е претставник на генерација македонски музички творци кои уште во шеесеттите годиниод минатиот век домашните музички вредности ги доближија до главните светски струења. Прв во македонската музика внесува елементи на музичкиот неокласицизам, а извор за неговата творечка инспирација претставува македонската световна и духовна музичка традиција.

За чешкиот композитор Антонин Дворжак, 1875 година била среќна и продуктивна. Австриската влада го наградила со годишен паричен надоместок, и брзо напредувал со финиширањето на неколку композиции. Во март 1875 година го завршил Гудачкиот квинтет во Ге – дур, но не бил целосно задоволен од крајниот резултат. На 3 мај започнал да работи на второто дело за гудачи, „Серенада“ кое го завршил за 11 дена. Требало да биде изведено истата година во Виена, но тоа не се случило. Делото премиерно се извело во Прага во декември 1876 година. Иако дотогаш Дворжак имал напишано неколку симфонии, „Серенадата“ била прво дело кое имало голема популарност кај публиката.

Владимир Лазаревски е лауреат на меѓународниот музички натпревар „Алегро виво“ во Австрија (2002), како и на „Земјата и луѓето“ во Бугарија (2001). Добитник е и на државни награди за обоа и камерна музика. Вработен е како прв обоист во Македонската филхармонија, а е ангажиран и како вонреден професор на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип од неговото формирање во 2007 година.

Елена Дојчинова е вработена како прва флејта во оркестарот на Македонската филхармонија. Досега се стекнала со бројни награди и признанија во земјава и во странство. Освен како дел од оркестар, активно е присутна на македонската музичка сцена и како солист и камерен музичар. Соработката со НУ Македонска филхармонија започнува во 2013 година,каде што настапува заедно со врвни музички имиња на диригенти и солисти од светски ранг.

Дијана Имери Илкоска е една од најнадежните македонски диригенти. Своето образование го стекнува на Факултетот за Музичка Уметност – Скопје каде дипломира во класата на проф. Саша Николовски-Ѓумар (Оркестарско диригирање во 2014 г., Хорско диригирање и Музичка Теорија и Педагогија во 2011 г.), а магистрира во класата на проф. Борјан Цанев во 2018 г. Уште во студентските денови, интензивно работи како асистент на Маестро Ѓумар со Симфонискиот оркестар на ФМУ, а бележи настапи на повеќе престижни подиуми меѓу кои и фестивалите Охридско и Скопско Лето со Камерниот оркестар на Музичка Младина на Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.