Со концертот во Ришон Ле Цион во близина на Тел Авив на матичната сцена на Израелскиот симфонски оркестар, синоќа заврши неколкудневната турнеја на Филхармонијата во Израел.

Пред концертот, во организација на амбасадата на Македонија во Израел, се одржа свечен прием, на кој присутните гости ги поздрави министерот за култура Хусни Исмаили.

Во своето обраќање министерот Исмаили изразувајќи благодарност за укажаната чест и топлото гостопримство истакна дека Македонија и Израел ги поврзува големо пријателство, меѓусебното разбирање и заемното почитување.

Убеден сум дека концерт на Националниот филхармониски оркестар, а по повод одбележувањето на 28 годишнината од независноста на нашата земја, ќе биде само уште една потврда за големиот ангажман и енергијата вложени во развојот на културата, но и поттик и во иднина да продолжиме да работиме на продлабочувањето на соработката меѓу двете земји, отворајќи простор за креирање на нови проекти за промоција на културата, научните и духовните вредности не само на национално туку и на меѓународно ниво, рече министерот за култура.

Министерот за култура во рамки на својата посета на Израел оствари повеќе средби меѓу кои и со министерот за животна средина Зеев Елкин, со министерот за регионална соработка Тзаки Ханегби, како и со директорката за култура на Израел Галит Вхаба Шашо. Тој присуствуваше и на концертите на Филхармонијата во Ерусалим, Од Хашарон и Ришон Ле Цион.

Турнејата на Филхармонијата во Израел се реализираше со финансиска поддршка на Министерството за култура, Амбасадата на Македонија во Израел, и со особено залагање на почесниот конзул Шломо Грацијани.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.