Магична шума во која има двајца волшебници, Хокус и Покус, од кои едниот е многу палав, а другиот е многу надмен е темата на првата македонска детска магионичарско-театарска претстава „Како Хокус го пронајде Покус“ која ќе се одигра на 14 и 15 декември во кино „Фросина“ во Младински културен центар (МКЦ). Претставата е закажана во два термини, од 11 и од 13 часот и веќе е распродадена.

Главните актери во претставата се Георги Гавровски познат уште и како Гого Реквием и Мартин Јорданоски, актер во Театарот за деца и младинци (ТДМ).

Веќе пет години работам, односно пишувам една книга која е повеќе за моја душа и се работи за една волшебна шума. Се инспирирав од една книга, која уште од моето детство ми е синоним за магични збиднувања, па така и ми дојде идеја за да почнам да пишувам и јас за магична шума и моите ликови, вели Гавровски во разговор за „Република“.

Инаку, Гого Реквием е професионален магионичар и претседател на НМАМ. Тој најавува спектакл и гарантира многу забава, илузија, интеракција и едукација.

Ова не е само прва претстава од ваков тип во Македонија туку во еден сегмент и прва на Балканот. Претставата е авторска и во неа ќе се користат компјутерски анимации, објаснува Гого Реквием.

Инаку во „Како Хокус го пронајде Покус“ се работи за двајца волшебници, Хокус и Покус, од кои едниот е многу палав, а другиот е многу надмен.

Тие двајца во минатото како деца биле многу добри другари, но со тек на време егото, суетата, љубомората ги разделила и сега се ривали и не се сакаат. Целта на претставата е децата да научат кои се најголеми вредности кај човекот и како не треба да се биде алчен, љубоморен, суетен…., вели Гого Реквием.

Претставата е најавена за деца над пет години. Во претставата децата преку илузиите ќе научат многу за бонтон, географија, историја, другарство, екологија.

Вниманието секако ќе им го задржиме преку многу многу хумор и нормално илузии, вели Гого Реквием.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.