Од денеска почнува летната филмска програма во Музејот на современа уметност. На тремот под отворено небо во следните четири месеци, публиката ќе може да проследи десет креативни документарни филмови.

Летното кино ќе биде отворено со кинеско-американскиот документарен филм „Нашата временска машина” (2019) од режисерите Yang Sun и S.Leo Chiang, кој досега е прикажан на повеќе светски фестивали и добитник е на многу награди.

Следната проекција ќе биде на 24 јуни кога ќе биде прикажан филмот „Музејски град” на режисерката Џенидер Треинер, една од основачите на Музејот на современа уметност во Масачусетс.

Дарко Набаков, одговорен за филмската програма и дел од стручниот тим на МСУ, вели дека сите филмови се внимателно избрани.

Станува збор за внимателно избрани филмови, кои во себе, не носат само дидактичка нишка, туку на повеќе нивоа ги отвораат прашањата поврзани со животот и делата на уметниците, општествените и егзистенцијалните теми, како и предизвиците на создавањата на делата и раководењето на музеите во 21 век, вели Набаков.

Сите проекции на летното кино, како што најавуваат организаторите, ќе се одвиваат според пропишаните протоколи за услови на пандемија. Влезот е слободен, а капацитетот е ограничен на 50 седишта.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.