Со претставата на Драмски театар Скопје „Чудна случка со кучето во ноќта“ на режисерката Зоја Бузалковска вечерва во 20 часот завршува 10. издание на Фестивалот „Рута група Триглав“ кој се одржуваше од 14 до 19 октомври.

Драмскиот текст „Чудна случка со кучето во ноќта“ од Сајмон Стивенс е всушност адаптација на популарниот, истоимен роман на Марк Хадон од 2003 година. Овој роман освои 17 престижни награди. Адаптацијата е напишана во 2012 година и со успех изведена прво во Националниот театар во Лондон.

Сместена во Свиндон и во Лондон, приказната се однесува на 15-годишниот Кристофер Џон Френсис Бун, математички гениј, кој има неспецифицирано нарушување од аутистичен спектар. Кристофер треба да реши една мистерија. Некој го убил соседското куче со вила и Кристофер е осомничен, па условно ослободен. Сакајќи да открие кој го убил Велингтон и одејќи спротивно на желбите и заповедите на татко му, Кристофер започнува истрага за убиството на кучето, поставувајќи му прашања и запишувајќи ги своите постапки и сознанија во книга. Кристофер има Аспаргеров синдром (кој припаѓа на фамилијата аутистични нарушувања) и никогаш претходно самиот не отишол подалеку од крајот на улицата, но детективската работа го носи во опасно патување, кое го руши целиот негов дотогаш познат свет.

Улогите ги толкуваат: Дамјан Цветановски, Трајанка Илиева – Вељиќ, Александар Степанулески, Емилија Мицевска Трајковиќ, Соња Стамболџиоска, Јасмина Василева, Филип Трајковиќ, Стефан Вујисиќ, Златко Митрески и Нела Павловска.

Драмски театар од петокот е домаќин на Фестивалот Рута Група за кој има голем интерес, а билетите беа распродадени за сите шест претстави.

Станува збор за фестивал на Регионалната унија на театри, во која членуваат: Београдско драмско позориште, Камерни театар 55 од Сараево, театар Улисис од Загреб, Месно гледалишче Љубљана и Градско позориште Подгорица.

Фестивалот е основан во 2019 и е одржува на секои два месеца во еден од шесте театарски центри, а поради ковид пандемијата, првпат се одржува во Драмски театар.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.