Кинотечната програма за крајот на јануари избра два македонски играни филмови од најновата продукција, како и еден српски наслов со малцинско македонско продукциско учество. Исто така, во редовната соработка со Францускиот институт од Скопје, во јануари го прикажуваме филмот ПРЕЗИР на Жан-Лук Годар, кој неодамна „замина“ на Елисејските полиња.

Станува збор за дебитантскиот игран долгометражен филм СНЕЖАНА НА КРАЈОТ УМИРА(Snow White Dies at the End) по сценарио и во режија на Кристијан Ристески, со Наташа Петровиќ, Верица Недеска, Сашко Коцев, Дениз Абдула, Ивица Димитријевиќ, Тино Костадиновски и Давид Јанакиев во главните улоги. Филмот на Ристески имаше светска премиера на „Слемденс“ во САД, еден од највлијателните фестивали на независниот филм, а со неговата македонска премиера се затвори минатогодишното, 43-то издание на Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола.

Петтиот игран наслов на Теона Стругар МитевскаНАЈСРЕЌНИОТ ЧОВЕК НА СВЕТОТ (Luckiest Man in the World), чиј косценарист е Елма Татарагиќ, имаше светска премиера во натпреварувачката селекција на програмата „Хоризонти“ на венециското Биенале, а потоа учествуваше на десеттина фестивали ширум светот.

Новиот филм на Митевска, со Јелена Кордиќ Курет, Аднан ОмеровиќЛабина Митевска, Ксенија Маринковиќ во главните улоги, беше и македонски кандидат за наградата „Оскар“ во категоријата најдобар странски филм.

ОД РАЈОТ (Nebesa) е новиот наслов на сценаристот и режисер Срѓан Драгојевиќ. Во неговата сторија составена од три приказни за трите божји чуда играат Горан Навојец, Ксенија Маринковиќ и Бојан Навојец. Филмот премиерно беше прикажан на Интернационалниот филмски фестивал во Локарно, по што учествуваше на фестивалите во Котбус, СинИст, Балкан Панорама, Острава Камера Око, Валенсија... ОД РАЈОТ беше дел од официјалната програма 43. ИФФК „Браќа Манаки“ – 2022 во Битола: директор на фотографијата е Душан Јоксимовиќ, редовен соработник на Срѓан Драгојевиќ.

 

23 ЈАНУАРИ (ПОНЕДЕЛНИК) 17:00 ч.

25 ЈАНУАРИ (СРЕДА) 17:00 ч.

26 ЈАНУАРИ (ЧЕТВРТОК) 17:00 ч.

31 ЈАНУАРИ (ВТОРНИК) 20:00 ч.

 

ОД РАЈОТ

(Nebesa)

Игран филм, Норвешка / Франција / Шведска

2021, 127 мин., колор, ДЦП

Режија: Срѓан Драгојевиќ (Srdjan Dragojevic)

Сценарио: Срѓан Драгојевиќ, Марсел Ајме (Srdjan Dragojevic, Marcel Aymé)

Улоги: Горан Навојец, Ксенија Маринковиќ, Бојан Навојец (Goran Navojec, Ksenija Marinkovic, Bojan Navojec)

 

Три приказни за влијанието на трите божји чуда што им се случуваат на главните ликови кои живеат во посткомунистичкото општество во транзицискиот период, а кои ќе се случат во 1993, 2001 и 2026 година.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

23 ЈАНУАРИ (ПОНЕДЕЛНИК) 20:00 ч.

25 ЈАНУАРИ (СРЕДА) 20:00 ч.

30 ЈАНУАРИ (ПОНЕДЕЛНИК) 18:00 ч.

 

СНЕЖАНА НА КРАЈОТ УМИРА

(Snow White Dies at the End)

Игран филм, Македонија / Кипар

2022, 106 мин., колор, ДЦП

Режија и сценарио: Кристијан Ристески (Kristijan Risteski)

Улоги: Наташа Петровиќ, Верица Недеска, Сашко Коцев, Дениз Абдула, Ивица Димитријевиќ, Тино Костадиновски, Давид Јанакиев (Natasa Petrovikj, Verica Nedeska, Sashko Kocev, Deniz Abdula, Ivica Dimitrijevikj, Tino Kostadinovski, David Janakiev)

 

Седум луѓе живеат во време и простор кои се во конфликт со нивните вредности. Откако ќе ѝ вети на својата најдобра другарка, која е на смртна постела, дека ќе се грижи за нејзиниот син, Снежана станува „мајка“ на Боби, 20-годишен наркоман. Маја е „волк самотник“, не комуницира „очи в очи“ со луѓе, а Игор е „риба надвор од вода“, има Аспергер синдром. Иако Боби и Маја не би требало да имаат прилика да се сретнат, тие се сретнуваат и се вљубуваат. Никола, Горазд и Дејан се другари од детство, „маалска екипа“ која се мачи да се прилагоди на овој нов свет, дехуманизиран од виртуелната комуникација, релативизацијата на моралот и агресивната инвазија на политиката врз нивните животи.

СНЕЖАНА НА КРАЈОТ УМИРА е дебитатнски игран филм на Кристијан Ристески, а со неговата премиера се затвори минатогодишното, 43. издание на Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

 

27 ЈАНУАРИ (ПЕТОК) 20:00 ч.

 

ПРЕЗИР

(Le Mépris /  Contempt)

Игран филм, Франција

1963, 103 мин., колор, ДЦП

Режијa: Жан-Лук Годар (Jean-Luc Godard)

Сценарио: Алберто Моравија, Жан-Лук Годар (Alberto Moravia, Jean-Luc Godard)

Улоги: Брижит Бардо, Џек Паланс, Мишел Пиколи (Brigitte Bardot, Jack Palance, Michel Piccoli)

 

Пол Џавал е писател кој е ангажиран да направи сценарио за нов филм за старгогрчкиот херој Одисеј, кој треба да биде режиран од Фриц Ланг. Ова понуда ќе дојде од страна на сомнителниот американски продуцент Џереми Прокош. Кога при едно патување Пол ќе ја остави сопругата Камил да се вози сама со Прокош, таа ќе помисли дека тој ќе ја искористи како подарок за Прокош со цел да добие подобар хонорар.

 

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 100 денари

26 ЈАНУАРИ (ЧЕТВРТОК) 20:00 ч.

30 ЈАНУАРИ (ПОНЕДЕЛНИК) 20:00 ч.

31 ЈАНУАРИ (ВТОРНИК) 18:00 ч.

 

НАЈСРЕЌНИОТ ЧОВЕК НА СВЕТОТ

(Luckiest Man in the World)

Игран филм, Македонија / Хрватска / Црна Гора

2022, 100 мин., колор, ДЦП

Режија: Теона Стругар Митевска (Teona Strugar Mitevska)

Сценарио: Теона Стругар Митевска, Елма Татарагиќ (Teona Strugar Mitevska, Elma Tataragic)

Улоги: Јелена Кордиќ Курет, Аднан Омеровиќ, Лабина Митевска (Jelena Kordic KuretAdnan Omerovic, Labina Mitevska)

 

НАЈСРЕЌНИОТ ЧОВЕК НА СВЕТОТ е филм кој, всушност, говори за тешкотијата на помирувањето, кое е неопходно за да се може да се продолжи со животот во мир по војна. Сараево четири години беше под опсада и тероризирано со снајперски истрели со огромен број невини жртви. Овој филм говори за Асја, четириесетгодишна жена која се пријавува на организиран настан за барање партнер. Таму се среќава со Зоран, нејзин врсник, кој е дојден да се запознае токму со Асја, но тој не е дојден таму во потрага по љубов.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.