Документарниот филм „Случајот Макавеев или процес во киносалата“ од српскиот документарист Горан Радовановиќ вечерва повторно ќе биде прикажан во Кинотека од 18 и од 20 часот.

Во петокот, на 26 ноември во организација на Српскиот културно-информативен центар „Спона“ и Кинотеката беа промовирани два документарни долгометражни филмови на Радовановиќ „Случајот Макавеев или процес во киносалата“ и „Чекај го Хандке“.

Поради интересот на публиката, „Случајот Макавеев или процес во киносалата“ ќе има дополнителни проекции на 29 ноември во термините од 18:00 и 20:00 часот.

По проекциите на документарните филмови публиката имаше можност да разговара со авторот. Радовановиќ го депонираше филмот „Случајот Макацеев или процес во Киносалата“ во Кинотеката на Македонија.

Радовановиќ е еден од најагилните документаристи последниве години во српската кинематографија. Со филм се занимава повеќе од четири децении, најпрвин како филмски критичар и теоретичар на филмот, а потоа како сценарист, режисер и продуцент на документарни и играни филмови.

Филмот на Макавеев подигнал голема прашина и политичките кругови во тогашна Југославија сакале да го забранат по секоја цена, сметајќи го како врв на т.н. „црн бран“ во југословенската кинематографија.

Макавеев како инспирација за филмот го имал ликот и делото на германскиот психијатар/сексолог Вилхелм Рајх, кој по емигрирањето во САД пред налетот на нацистичкиот режим, станува еден од најконтроверзните личности во јавноста, вистински „трн в око“ на конзервативците, како човек што го расипува американскиот морал. Било организирано необично „судење“, еден вид собир на голем број тогашни самоуправувачи, во киносалата „Арена“ во Нови Сад,каде што филмот бил напаѓан дека ја искривува социјалистичката стварност во Југославија (истовремено, светската критика го воздига филмот на Макавеев како најкомунистички филм во тој период). На пултот се ределе говорници од разни социјални профили, од работници до режимски интелектуалци, со осуди за авторот, а само неколку од говорниците ја бранеле авторската слобода. „Ние имаме право во нашата демократска заедница да го забраниме тоа што не ни се допаѓа во оваа земја…“, гласи страсната осуда на еден од говорниците. Еден од соработниците на Макавеев тајно го снима целиот собир со скриен микрофон во ракавот. Од четирите ленти снимени на тој собир, Радовановиќ го реконструира политичкиот процес на Макавеев, по кој режисерот ќе емигрира од Југославија и следните неколку филмови ќе ги сними во Европа, САД, Австралија…

Во филмот на Радовановиќ учествуваат преживеаните актери и соработници од неговите ексјугословенски филмови, а неговиот говор на судењето го интерпретира Светозар Цветковиќ, еден од неговите омилени актери. „Филмот В.Р. МИСТЕРИИ НА ОРГА(НИ)ЗМОТ стана симбол на филмското наследство што ни го остави Макавеев: филмски јазик како игра и вечен експеримент во режијата и монтажата. А забраната на овој филм со текот на времето стана симбол на Југославија како недовршен социјалистички експеримент“, објаснува документаристот Радовановиќ. Филмот беше награден на белградски ФЕСТ како најдобар домашен филм и ја доби наградата на критиката, а освои награди и на Фестивалот на историски филмови во Хрватска и на Филмскиот фестивал во Тајван.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.