Новата книга за деца „Поклони се и почни“, со текст на Владимир Лукаш и илустрации од Љубиша Камењаров, ќе биде промовирана на втори декември (петок), во 18:30 часот, во книжарницата „Литература.мк суперстор“ во „Скопје сити мол“. Промоторка на сликовницата, која е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе биде уредничката Оливера Ќорвезироска. Настанот ќе почне со работилница за деца, инспирирана од ликовите во книгата.

„Поклони се и почни“ е ведра, игрива книга за заедништвото, забавно поттикнување на децата (и животните!) да учествуваат во најразлични собирања и прослави по секакви поводи – „раѓањето на десетмилијардитото ливче во шумата“, во конкретниов случај. И кога знаат и кога не знаат да пеат, да играат, да пишуваат песни и да римуваат, децата треба да се собираат како и животните од сликовницата (штурчето Свирче, богомолката Богдана, бумбарот Јакоб, дабарот Дрварко и црвеношиестиот валаби), бидејќи шансите да го научат она што го сакаат се многу поголеми кога околу нив има повеќемина што можат да помогнат. Или барем само да слушаат. Односот помеѓу штурчето Свирче, главниот херој во сликовницата, кое сака а не знае да пишува во рима и дабарот Дрварко кому не му е гајле за рима а одлично ја владее, е прекрасен пример за волшебната моќ на дружбата. На крајот од сликовницата има и работен додаток за совладување на римите, така што сите, и ликовите и читателите, излегуваат од оваа духовита, несекојдневна книга на Лукаш и Камењаров оспособени за дружење и… римување.

„Поклони се и почни“ е симболичен поттик за секое дете да го земе микрофонот на своите желби в раце и да ја почне забавата на детството по сопствена мера. Како вистинска, среќна „ѕверка“!

Владимир Лукаш и Љубиша Камењаров се родени во истата „еднаш одамна“ година, во истата болница, а можеби и на истиот кревет, но неколку месеци еден по друг. Се познаваат од многу одамна и другаруваат од речиси веднаш. Лукаш пишува, Камењаров црта и… колку што се сеќаваат никогаш не се скарале. Дури ни за молив!

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.