Стихозбирката „ Гравири- 40 години отпосле“ од Славе Ѓорѓо Димоски, беше промовирана синоќа во НУ Библиотека „ Григор Прличев“ , во рамките на програмата за одбележување на двојниот јубилеј- 185 години од раѓањето и 110 години од смртта на Кузман Шапкарев, што заедно со оваа културна институција ја организира Општина Охрид.

Промоцијата на репринт изданието на „ Гравири- 40 години отпосле“ се организира по повод 60 години живот и 40 години од печатањето на поетскиот првенец на Славе Ѓорѓо Димоски.

За стихозбирката, која содржи критички согледувања и прилози од еминентни имиња од македонското литературно творештво беседеше  проф. д-р Димитар Пандев,  стихови  и делови од текстови за творештвото на славеникот Димоски  читаа Марина Димовска и Јован Цветкоски, а во музичкиот дел настапи младата флејтиска Сара Цикуш .

Славе Ѓорѓо Димоски има објавено 18  поетски книги од кои 5 за деца, 18  се објавени на други јазици, а одделни песни и поетски циклуси преведени се на над триесет јазици. За неговата поезија напишана е едена есеистичка книга, а во Италија одбранет е магистерски труд.

За својата поезија повеќекратно е наградуван во земјава и странство, а меѓу наградите се „Браќа Миладиновци“ на СВП, „Ацо Шопов“, „Сергеј Есенин“, „Гран-при на европската поезија, и двапати на охридскато највисоко признание “Св. Климент Охридски, патрон на Охрид“, еднаш за особен придонес во подемот на Охрид и еднаш за животно дело.

 

извор/фото: библиотека „Григор Прличев’ Охрид

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.