Скулптурата „Копнеж“ на познатиот македонски скулптор и универзитетски професор Никола Смилков ќе биде изложена на Интернационалното уметничко биенале, кое е дел од културните активности на Зимските олимписки игри 2022 во Пекинг.

Смилков за МИА вели дека неговото дело е селектирано за учество на престижното 9-то Интернационално уметничко биенале во Пекинг, што ќе се одржи од 18 јануари до 1 март 2022 година. Посочува дека Меѓународното уметничко биенале во Пекинг е настан кој традиционално се одржува, а оваа година сегмент од уметничкиот дел на одбележувањето на Зимските олимписки игри.

Моето дело „Копнеж“ беше избрано во строгиот селекциски процес од неколку селекциони нивоа. За мене претставува посебно задоволство и чест да бидам дел од ваква значајна манифестација. Делото ми беше понудено да го оставам во  трајната колекција на биеналето, што ќе остави траен белег на ова остварување и уметничко претставување, мое и на мојата земја, вели Смилков.

Инаку, скулптурата „Копнеж“ е изработена годинава од бронза. Смилков годинава во конкуренција на 78 уметници од 20 земји, ја освои Гран при наградата во Будва.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.