На конкурсот за избор на национален претставник за меѓународната награда „Балканика 2020“, годинава до организаторот, издавачката куќа „Магор“, пристигнаа осум книги: Луан Старова – „Генералот и пеперутката“, Дијана Петрова – „Не правете им сенка на гробовите“, Жарко Кујунџиски – „Сфинга на гневот“, Владимир Јанковски – „Скриени желби, немирни патувања“, Србо Ивановски – „Изодениот пат“, Филип Клетников – „Записи на стражарот (Видено под ноќна светилка)“, Влада Урошевиќ – „Безразборна лабораторија“ и Владо Јаневски – „Чудо зад аголот“.

 Стручната комисија за избор на нашиот национален претставник во трката за оваа престижна книжевна награда, во состав: проф. д-р Елизабета Шелева, претседател, проф. д-р Александар Прокопиев, член, и Блаже Миневски, член, во најтесен избор ги избра следните две дела: „Скриени желби, немирни патувања“ од Владимир Јанковски, и „Сфинга на гневот“ од Жарко Кујунџиски. На својот последен работен состанок, стручната комисија со мнозинство гласови ја избра книгата „Скриени желби, немирни патувања“ од писателот Владимир Јанковски, соопшти издавачката куќа „Магор“.

Национален претставник во трката за меѓународната книжевна награда „Балканика“, која поради пречката со глобалната пандемија, ќе се одржи кон крајот на 2021 со доделување награди за две години во рамки на една манифестација, согласно консензуалниот договор помеѓу националните организатори од сите седум држави-членки на Фондацијата Балканика.

Стручната комисија за избор на национален претставник за меѓународната книжевна награда „Балканика 2020“ образложи дека ова дело се одликува со инвентивна, мозаично развиена структура, реторичка питкост и свежина, пред се, благодарение на неконвенционалниот пристап и експериментална разиграност со жанровските протоколи на романот.

Наративната поетика на ова дело останува доследна и препознатлива, по забележителната економичност на раскажувањето, концизноста, „аскетизмот“, кондензацијата, суптилно поврзаните фрагменти и вешто изведени, а лаконски поенти, произлезени од повеќегласноста на самата приказна и нејзиниот панорамски спој од (раз)лични биографски минијатури, се вели во образложението.

Досегашни добитници на наградата од Македонија се Венко Андоновски со „Папокот на светот“ и Александар Прокопиев со „Човечулец“.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.