Скопската публика ги пречека како најголеми ѕвезди Атиџе, Муза и Гамзе во скопското кино „Милениум“ каде што се одржаа две затворени проекции на документарниот филм „Медена земја“ на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска кој освои три награди на најголемиот американски фестивал на независен филм „Санденс“ во Јута, САД. Официјалната премиера на филмот е закажана за во август, на Фестивалот на креативен и документарен филм „Македокс“.

„Медена земја“ е филм за Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата 85-годишна полуслепа мајка во централна Македонија, во селото Бекирлија, југозападно од Овче Поле. Атиџе ги почитува правилата на природата и половина од медот кој го произведуваат пчелите го зема за себе и го продава во Скопје, на пазарите, а половина им остава на пчелите. Со парите кои ќе ги заработи ја прехранува мајка си. Двете живеат во една стара, трошна куќа, без струја и вода. И тоа одлично функционира се додека не дојде едно семејство номади и сточари во селото. Деветчленото семејство мора да се прехрани и таткото Хусеин решава да одгледува пчели исто како и Атиџе, сметајќи на брза и лесна заработка. Притиснат од гладните усти на седумте деца потклекнува на притисокот на препродавачот кој го форсира да го продаде сиот мед што ќе го произведе. Хусеин не ги следи препораките на Атиџе, ниту пак го слуша мислењето на еден од синовите кој му вели дека мора да остави мед за пчелите, ако сака тие да произведат повеќе.

„Медена земја“ навистина не е филм за пчелите, како што вели и еден од режисерите Стефанов, туку може да биде за што било.  Главна идеја на филмот е да се прикаже припадноста на човекот кон природата и нарушување на природната рамнотежа преку судир на два различни начина на искористување на природните ресурси. „Медена земја“ е непретенциозен, освестувачки, магично убав и страшен во исто време. И можеби Стефанов е во право кога вели дека нема излузии дека филмот може да го смени светот, но филмот навистина отвора многу прашања.

Продукцијата е на „Аполо медија“ на Стефанов и „Трајс филмс“ на Атанас Георгиев. Музиката во филмот е на „Фолтин“.

Продукцијата на „Медена земја“ склучи договор со компанијата „Неон“ која ќе биде диструбитер на филмот за Америка. Во договорот кој е потпишан стои дека „Медена земја“ ќе биде дистрибуиран во најмалку 15 маркети, односно 15 града, а бројката може да стигне до 50 града, што значи дека македонскиот документарец ќе има милионска публика.

„Медена земја“ на режисерите Стефанов и Тамара Котевска освои три награди на најголемиот американски фестивал на независен филм Санденс, меѓу кои и Главната награда од жирито во програмата Светски филм за документарци, Специјалната награда од жирито за влијание за промена за Котевска и Стефанов како и Специјална награда за камера за Фејми Даут и Самир Љума.

Снимањето почна во 2015 во рамки на Програмата за зачувување на природата во Македонија, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка во координација со „Фармахем“. Филмот доби и грант од 25.000 долари од Фондот за документарни филмови на Меѓународниот фестивал Сан Франциско, а од Агенцијата за филм на Македонија доби 3 милиони денари (околу 50.000 евра).

„Медена земја“, на својата официјална веб страница honeyland.earth, започна со добротворна кампања за поддршка и помош на ликовите од филмот. Со секоја нарачана тегла мед на Атиџе, ќе се донираат средства за подобрување на условите за живот на децата што се појавуваат во филмот. На Атиџе веќе ѝ е обезбеден нов дом кој е во фаза на приоспособување.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.