Добро уметничко дело функционира секаде, затоа што луѓето сме секаде исти. Ако делото е добро, зборува за универзални теми, луѓето секаде ќе реагираат на она што е срце на уметничкото дело, вели режисерот Милчо Манчевски, чиј најнов филм „Камјак“ синоќа беше премиерно прикажан пред скопската публика во Филхрамонија.

Од денеска „Кајмак“ ќе игра во скопските кина „Синеплекс“ и „Милениум“. Веќе се закажани и проекциите во Гостивар, Пробиштип, Делчево, Кавадарци, Крива Паланка, Куманово, Виница, Крушево, Струмица, Македонска Каменица, Тетово, Дебар, Берово, Неготино, Богданци, Кратово, Радовиш, Струга, Кичево, Охрид, Свети Николе, Прилеп и Штип. Премиерата во Битола и Гевгелија е на 23 ноември.

Со долг аплауз беше награден седмиот филм на најнаградуваниот македонски филмски режисер, а на македонската премиера дојдоа политичари, уметници, актери, филмски работници, бизнисмени, новинари…

Понекогаш е многу висока цената на среќата, но повисока е цената на тоа да не бидеш чесен кон себе затоа што ќе останеш несреќен. Не секогаш пристојноста води кон среќа, понекогаш општеството и институциите на општеството, без разлика дали тоа се институциите држава, црква или комшија знаат да ни ја скршат среќата. Нема ништо поважно од слободата, рече Манчевски пред проекцијата на филмот.

„Кајмак“ имаше светска премиера на 26 октомври на Меѓународниот филмски фестивал во Токио. Сценариотот е на Манчевски, а во филмот играат: Камка Тоциновски, Сара Климоска, Александар Микиќ, Ана Стојановска, Симона Спировска, Петар Мирчевски, Филип Трајковиќ, Сашка Димитровска, Лазе Манасковски, Јасмина Василева, Дејан Лилиќ, Елена Кузманов, Крсте Роџевски, Ана Димитрова, Никола Ристески, Ангела Димитрова, Соња Михајлова, Александра Пешевска, Ѓорѓи Јолевски, Љиљана Богојевиќ, Сара Станиќ и други.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.