Драги пријатели и почитувачи на делото на Сабина Тозија, Ве известувам дека нема да присуствувам на утрешната комеморација организирана од Драмски театар за заминувањето на мојата мајка, Сабина Тозија, напиша на социјалните мрежи нејзиниот син, режисерот Вардан Тозија.

Сметам дека групниот и паушален начин на кој се испраќаат Сабина и неколкуте големци на овој театар, е недостоинствен за овие луѓе кои го посветиле животот на Драмски, а воедно е навредлив за мене и моето семејство. Мислам дека, како личност која поминала најголем дел од животот во оваа институција и оставила силен печат во македонскиот театар и кинематографија, таа заслужува нешто повеќе од хипи-смотра на денот на театарот, низ банална “благодарност“ и “чаша тиквешко“.

До неодамна постоеше правило како се испраќа колега, пријател, актер… очигледно, тие вредности кај некои кои раководат со театарот не значат многу. Сигурен сум дека таа на ист начин би ги бранела овие актерски, и пред се’, човечки начела кога би станало збор за нејзин соработник.

Ова збогување со луѓе кои го оставиле својот живот за афирмација на театарот и својата земја, е воедно срам за театарот, и срам за оваа земја.

Комеморација за Сабина Тозија ќе има во блиска иднина. Таа ќе биде изведена на поинаков начин, за жал, во рамки на друга институција, и за тоа ќе бидете благовремено известени.

Нека почиваат во мир иконите на македонскиот театар.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.