Македонскиот пијанист со светски глас Симон Трпчески вечерва на платото пред Националната опера и балет (НОБ) во 20 часот премиерно ќе го изведе животниот музички проект Македонисимо, пет години по светската премиера.

По Скопје, Македонисимо ќе биде изведен во Штип на 25 септември и ден подоцна во Битола. Влезот за сите настани ќе биде бесплатен.

Трпчески на прес-конфренцијата на која го најави концертот откри дека пред светската премиера, четири години работел во својата глава на овој проект, а креативниот процес со композиторот Панде Шахов траел една година. На крајот е добиен сплет од 23 нумери, главно ора и по некоја песна.

‘Македонисимо‘ конечно доаѓа дома и горд сум што ќе имаме можност да го претставиме проектот пред народот на кој му е посветен. Имав желба ова да се случи порано и малку жалам што порано не го иницирав, но агендата е набиена и притоа цело време треба да се биде на нивото што се очекува од вас. Жалам што толку време помина, но истовремено сум свесен за одговорноста. Ќе имате можност да чуете малку поинаков музички јазик, да ја чуете македонската народна музика во автентична изведба од класично образовани музичари“, рече Трпчески.

Трпчески и пријателите ќе го изведат албумот Македонисимо што во издание на британската етикета „Лин Рекордс“ го обиколи светот – проект во чии рамки на оригинален начин се обработува македонската народна музика од страна на нашиот композитор Шахов.

Уникатниот тим на „Македонисимо квинтетот“ и на оваа серија концерти го сочинуваат и Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело; на кларинет, саксофон и на кавал Хидан Мамудов, а зад удиралките е Влатко Нушев.

„Македонисимо“ досега е изведен во Словенија, Полска, Франција, Велика Британија, Холандија, Србија, Романија, Црна Гора, Јужна Кореја и Канада, Швајцарија.

„‘Македонисимо‘ ќе добие и своја оркестарска верзија, која премиерно ќе се изведе на 2 март во култната сала Музикферајн во Виена.

Со оваа домашна турнеја ќе се одбележи и 15-годишнината на Здружението за култура и уметност „КултурОп“, чија основна задача е токму поддршката на нашиот пијанист од светски глас.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.