Со прикажување на творбите создадени на креативните работилници организирани во изминатите шест дена, вечерва во 19 часот во киното „Милениум“ ќе биде затворено 10. издание на Меѓународниот филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“.

Шесте дена исполнети со филмска уметност, дискусии, разговори, полемики, многу забава, но и креација обединети под едно име, ќе бидат заокружени со видеорезиме и со изведба на сè она што на креативните работнилци се создаваше изминатите денови, но и од сите средби со режисери, актери и уметници, што го направија и ова издание на фестивалот за паметење за младите.

Вообичаено на последниот ден, покрај победничките филмови во сите категории, ќе бидат соопштени и имињата на дел најдобрите учесници кои в година ќе патуваат на „Џифони Италија“.

На последниот фестивалски ден гостинка на фестивалот ќе биде 19-годишната актерка од Швајцарија, но со македонско потекло – Јана Секуловска. Таа толкува една од главните улоги во филмот „Семи, Џо и јас“ во режија на Карин Хеберлајн, кој ќе биде прикажан во програмата за сениори во 13 часот во киното „Фросина“. Овој филм освоил неколку меѓународни награди, меѓу кои оние на Фестивалот за детски филм во Чикаго, во Цирих и во Шлингел, Германија.

Прикажувањето на филмот „Семи, Џо и јас“ и гостувањето на актерката е поддржано и од Амбасадата на Швајцарија во земјава.

Вчера во рамките на претпоследниот ден на фестивалот, беше промовиран ТВ-серијалот „Генерација Бушави“ во режија на Мартин Чичовски, на „Марви продакшн“, кој од ноември ќе се прикажува на платформата Gley.mk, а сите присутни во салата добија ваучер за бесплатен пристап до содржините на платформата.

Во изминатите шест дена 500 ученици од 11 до 19 години од седум европски држави учествуваа на јубилејното издание на „Џифони Македонија“. Креативен младешки џагор ги запоседна Кинотеката и Младинскиот културен центар во Скопје.

Фестивалот „Џифони Македонија“ е поддржан од Агенцијата за филм, Министерството за култура на Македонија, Министерството за култура на Италија, Амбасадата на Италија и Градот Скопје, како и од Младинскиот културен центар и Кинотеката, како и други институционални поддржувачи и бројни спонзори.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.