Покрај тековата изложба на наши дизајнери и брендови и на оние од дизајн сцените од бившите југословенски простори, во рамките на вториот и третиот работен ден на годинешното издание Скопската недела на дизајн следат повеќе настани кои ќе ја потврдат потребата од менталната хигиена.

Денеска со почеток во 17:30, презентација за нарушувањата на спиењето и што треба и не треба да правиме за да имаме подобар сон. Презентацијата е на Проф. Д-р Стојан Бајрактаров и Проф. Д-р Славица Арсова.

Вечерва, со почеток во 21:30 часот, на репертоар се неповторливите Македонски шлагери во изведба на Retro Ringtones (Симон Пеоски – гитара, Невруш Бајрам – гитара и вокали, Дарко Фотиновски – бас, Кристијан Лафазановск – тапани и Дина Јовановска – водечки вокал.

Саботата е резервирана за сериозни моменти кои можат да ја променат нашата перцепција.

„Како до нови клиенти употребувајќи дизајн размислување“ (сабота 30.11.2019) – работилница со почеток во 10:30 под менторство на: Иван Зографски, Ана Мијовска и Лела Атанасова. Оваа двочасовна интензивна работилница ве води кон „Дизајн размислување“ како креативен процес за привлекување на нови клиенти. Овој метод буквално го трансформира секојдневниот работен процес и придонесува за нови опции за привлекување на клиенти според потребите на корисниците на услугите или производите.

„Дизајнот и неговата бескорисност“ (сабота 30.11.2019) е уште една работилница која го буди начинот на организирање во една компанија, односно самите работни обврски кои се „заложници“ на непродуктивните начини на работење и размислување се претвораат во нешто многу корисно. Работилницата водена од Клелија Живковиќ и Ивана Чалоска започнува во 14:00 часот.

Презентацијата која разбуди голем интерес – „Секс, врски и (себе) дизајн“ (сабота 30.11.2019) предводена од Аба Азиз Макаја и Дина Баенингер длабински ќе ја разработи тезата дека сексот е тој кој продава – психолошки аспекти на сексот во однос на дизајнот, сексот како (не) свесен двигател за продажба и маркетинг ќе се одржи со почеток во 18:30.

Она што можеби ги врзува сите на едно место е храната, затоа за прв пат на Скопската Недела на Дизајнот (сабота 30.11.2019) се организира час по готвење под капата на мастер готвачот Ренато Краљев, со почеток во 12:30 минути, а по овој урнебесно добар час, следи вечера со наслов „Вкусот на Задар“ која што почнува во 19:00 часот.

Вечерта на музичката сцена на третиот кат, ќе настапат Naked, четворица момци од Белград кои ќе направат незаборавен концерт, почеток 21:30 часот.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.