Шеjмус Мекгарви е добитник на Специјалната Златна камера 300 на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ за особен придонес во светската филмска уметност, објави на денешната прес-конференција Симеон Мони Дамевски.
Годинашното, 44. издание на „Браќа Манаки“ ќе се одржи од 23 до 29 септември во Битола.
Кинематограферот, чиј ракопис стои зад долгогодишната тандемска соработка со Џо Рајт („Покајание“, „Ана Каренина“, „Сирано“), зад „Ноќни животни“ (режија Том Форд), „Треба да разговараме за Кевин“ (Лин Ремзи), „Светски трговски центар“ (Оливер Стоун), „Часови“ (Стивен Долдри), „Висока верност“ (Стивен Фрирс), „Бакнежот на пеперутката“ (Мајкл Винтерботом), како и зад епизодата „Скок на глава“ од серијата „Црно огледало“, за која освои ЕМИ награда и БАФТА номинација за најдобра фотографија (кинематографија), оваа година во Битола ќе стане дел од големото филмско семејство на Фестивалот како добитник на Специјална Златна камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност, рече Дамевски.
Мекгарви е два пати е номиниран за Оскар за најдобра фотографија (кинематографија) – за „Покајание“ (2007) и за „Ана Каренина“ (2012). Два пати ја добил наградата на Британското друштво на кинематографери (BSC) за „Ана Каренина“ и за „Ноќни животни“ (режија Том Форд) и четири пати е номиниран за наградата БАФТА. Во 2004 година е награден со Лимиер медал за придонес во уметноста на кинематографијата, кој го доделува британското Кралско фотографско друштво.
На конференцијата, селекторите на Интернационалниот фестивал на филмската камера ја објавија програмата на овогодишното 44. фестивалско издание.
Селекторот на програмата Камера 300 за долгометражни играни филмови, Слаѓан Пенев, ја најави исклучително богатата и атрактивна селекција. Освен претходно објавените македонски филмови на отворање и затворање на фестивалот, „Домаќинство за почетници“ и „Лена и Владимир“, од филмовите што ги најави Пенев ќе ги издвоиме пролетерската трагикомедија на Аки Каурисмаки, ПАДНАТИТЕ ЛИСЈА/FALLEN LEAVES, во тандем со неговиот редовен кинематограферски соработник Тимо Салминен, кој ќе биде гостин на фестивалот, мистичното трагање по недофатливото во фотографијата и музиката на Вим Вендерс, СОВРШЕНИ ДЕНОВИ/PERFECT DAYS, во соработка со директорот на фотографијата Франц Лустиг, кој исто така ќе биде присутен во Битола, медитативната чеховско-ромеровска драма нa Нури Билге Чејлан, ЗА СУВИТЕ ТРЕВИ/ABOUT DRY GRASSES, во прва соработка со два кинематографери, Џеваир Сахин и Курсат Уресин, кои во тандем ќе се појават и на проекцијата во Битола, Хичкоковскиот трилер АНАТОМИЈА НА ЕДНО ПАЃАЊЕ/ANATOMY OF A FALL, кој ја доби Златната палма на последниот Кански фестивал, дело на режисерката Жустин Трие и кинематограферот Симон Буфил, како и богатата симфонија на ѕвезди и стил на Вес Андерсон, АСТЕРОИД СИТИ/ASTEROID CITY, со најчестиот негов соработник, искусниот кинематографер Роберт Д. Јеоман.
Селекторите на програмите за кратка, документарна и студентска програма, Марија Апчевска, Кумјана Новакова и Ѓорѓи Пулевски, ги објавија селекциите во своите програми, каде што исто така има атрактивни наслови, како документарниот филм ЧОВЕК ВО ЦРНО/MAN IN BLACK на Ванг Бинг, чија кинематограферка, Каролин Шампетие, позната по соработките со Лео Каракс (HOLY MOTORS), исто така ќе биде гостин на Фестивалот.
Македонскиот филм „Домаќинство за почетници“ на македонско-австралискиот режисер Горан Столевски ќе го отвори 44. издание на „Браќа Манаки“. „Домаќинство за почетници“ е трет филм на Столевски, а негов прв македонски и ќе има светска премиера во селекцијата Хоризонти на филмскиот фестивал во Венеција на 6 септември.
Претходно беше соопштено дека Питер Бижу е добитник на Златна камера 300 за животен опус, а актерката и продуцентка Лабина Митевска е лауреат на наградата Голема ѕвезда на македонскиот филм.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.