Светски познатиот виолинист пристигна во Скопје. Од „Прагма продукција најавија дека „уште пред да пристигне побарал веднаш да направи разглед на Скопје и è подобро да го запознае градот“. Во разговор за „Република“, виолинистот од светски глас проговори за страста кон музиката, колку време вежба, времето кога работел како модел…

За прв пат доаѓате во Македонија на концерт. Што ќе може да слушне публиката на настапот во Скопје?

-Најпрво сакам да истакнам дека многу сум возбуден што за прв пат доаѓам да настапам во Скопје. Се чувствувам почестен што доаѓам на концерт, го носам мојот бенд со најновата програма „Unlimited“ во Македонија. Тоа што ќе може да се слушне на концертот е мешавина на поп и рок, исто така ќе има и филмска музика, но и малку класична музика. Станува збор за забавна и мошне возбудлива програма и со нетрпение чекам да ви ја претставам.

Ве нарекуваат „ѓаволскиот виолинист“. Од каде таков прекар?

-Мислам дека тоа потекнува од времето кога го снимав филмот “The Devil’s Violinist” (Ѓаволскиот виолинист) кој говори за животот на Николо Паганини. Оттогаш прекарот едноставно ми се залепи.

На музичката сцена сте од тинејџерските денови. Што значи за Вас музиката? Настапите? Контактот со публиката?

-Музиката ми помага да се изразам себе си, ми дава баланс во животот. За мене како музичар, тоа што имам публика ширум светот која доаѓа на моите настапи и ја следи мојата работа значи огромна инспирација, ме прави секојпат да бидам поамбициозен за да креирам нешто ново, специјално за моите фанови.

Во Гинисовата книга за рекорди Вие сте на врвот на списокот како најбрз виолинист на светот. Го свиревте „Бумбаров лет“ на Корсаков најбргу. Дали сеуште го држите рекордот? Дали некој во меѓувреме го надминал Вашиот рекорд?

-Мислам дека рекордот е надминат но од e-виолина. Значи, за акустична виолина, претпоставувам дека сеуште го држам рекордот.

Вие сте омилениот виолинист на кралицата Елизабета. Можете ли да ни кажете што најмногу сака да слуша Кралицата?

-Не знам дали сум и омилен виолинист на кралицата, но бев поканет да настапам за неа по повод прославата на нејзиниот Златен јубилеј. Тоа беше огромна чест за мене. Сум настапил и за Претседателот Обама исто така, и пред неколку години за Папата. Навистина е привилегија, но, меѓу мене и тебе, на крајот, сепак, тоа е исто како да настапувам за „нормална“, обична публика. Јас секогаш давам 100% од себе, без оглед на тоа дали настапувам за Кралицата или за тројца гледачи во мојот роден град.

Колку часа дневно е потребно да се вежба за да се биде добар виолинист, според Вас?

-Можам да ви кажам дека се потребни повеќе часови отколку што сакате, бидејќи секогаш има периоди во денот кога не сакате да вежбате, но сепак мора да го сторите тоа. Од тој аспект тоа е вистинска работа, како и секоја друга професија. Мора да ја поставите во некакви временски граници. Овде мислам и на двата аспекти и она време кога со уживање работите и времето кога не ви баш задоволство да вежбате.

Кога точно се случи пресвртот во Вашата кариера и се префрливте од Бах и Пучини на AC / DC, Metallica, Aerosmith, Guns n ‘Roses?

-Нема конкретен пресврт, бидејќи јас секогаш сакав да ја слушам нивната музика, дури и кога почнав да ги правам аранжманите. Така што за мене сето тоа дојде сосема природно да ги вклучам во мојот репертоар на инструментот на кој сум добар.

Го наследивте уметничкиот талент од Вашата мајка, која е американската примабалерина, Дов Гарет, но сепак Вашите родители не беа среќни со идејата да студирате на Џулијард. Зошто толку многу сакавте да заминете од дома?

-Сметам дека е нормален процес кога имате 18 или 19 години да сакате да го напуштите домот на родителите и да го најдете сопствениот пат и својот живот. За мене тоа беше природен чекор, да го напуштам домот на родителите и да се посветам на студиите. Моите родители беа помалку загрижени, бидејќи јас настапував премногу често и бев многу добар на настапите, така што сметаа дека студирањето ќе се помеша со кариерата. Но, јас имав поинаков поглед на мојата кариера, сакав да паузирам, да студирам музичка историја и композиција со цел да станам добро оформен музичар, не само добар виолинист.

Во Њујорк извесно време работевте и како фотомодел и модел. Како се најдовте во тие води? И доколку не беше толку голема љубовта кон музиката и виолината дали ќе бевте заинтересиран за моделство?

-Не, не воопшто, за мене тоа беше само начин на кој заработував. Се запишав на колеџ и јас едноставно барав други можности да заработам за да можам да си го платам школувањето.

Досега сте одличен, мошне успешен во животот, професионално и приватно. Дали постои нешто што сеуште претставува предизвик за Вас? Дали постои нешто што не сте го реализирале?

-Интересно е да се слушне ова, бидејќи дефиницијата за успех е многу поразлична од моја перспектива. Ако се рече дека сум успешен цел живот, тогаш нема да ги почитувам сите оние денови и недели и месеци кога се борев да ги најдам вистинските парчиња, вистинските аранжмани, се борев со вежбањето, се борев да работам, да создадам. Кога се гледа од страна сето тоа изгледа сјајно и мазно, но би сакал да ве убедам дека зад сето тоа стои многу работа, солзи и пот, се заедно, со цел да ви изгледа сјајно и мазно однадвор.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.