Во Кинотека викендов се одржа третата сесија од втората сезона на проектот ФИЛМСКА УЧИЛНИЦА.

Оваа сесија беше посветена на доминантните филмски правци од почетокот на филмот како уметност. Учесниците, под менторство на филмската и ТВ режисерка Марија Џиџева, ученици од скопските средни училишта, најпрвин ги прикажаа и анализираа нивните вежби, „домашните задачи“, во кои опсервираат предмети и акции кои им се чинеле интересни за снимање.

На вториот час филмскиот режисер Саша Станишиќ, професор на Универзитетот за аудиовизуелни уметности „Европа Прима“, одржа инспиративно предавање за развојот на филмските правци од почетокот на кинематографијата до денес.

Филмот постојано се менува, и како уметничка форма, и како медиум, и како индустрија на забава. Станишиќ ги „водеше“ учесниците на ФИЛМСКАТА УЧИЛНИЦА низ мените на филмските изрази и стилови од пионерските чекори на браќата Лимиер, монтажните атракции на советската (руската) школа во дваесеттите години на минатиот век, екпресионизмот на европските автори, златното доба на Холивуд од половината на минатиот век, субверзивноста во изразот на францускиот „нов бран“ во педесеттите и шеесеттите години, главните протагонисти на „новиот Холивуд“ од втората половина на 20ти век – некои сè уште активни – па сè до предвидувањата за тоа како ќе изгледа филмот и неговата перцепција во иднина. Станишиќ за сите битни правци од историските епохи на кинематографијата прикажуваше примери, потенцирајќи ја гледната точка од денешниот стадиум на развојот на филмот.

Учесниците во ФИЛМСКАТА УЧИЛНИЦА под менторство на филмската и ТВ режисерка Марија Џиџева имаат можност да ги запознаат основите на филмската историја и на филмскиот јазик, да гледаат филмови од архивот на Кинотека, да анализираат филмски дела, а низ сесиите на ФИЛМСКАТА УЧИЛНИЦА и да креираат кратки филмски етиди, кои потоа заеднички ги анализираат.

Едукативниот проект е поддржан од Министерството за култура, и во него се вклучени десетина средношколци кои низ различни едукативни содржини и интерактивно-креативно учење во период од десет недели се запознаат со националното аудио-визуелно културно наследство.

Во реализацијата на ФИЛМСКАТА УЧИЛНИЦА учествуваат и Владимир Ангелов, Александра Младеновиќ, Бојан Станишиќ, Александар Трајковски, Дамјана Ивановска, Стојан Синадинов, Игор Старделов, Петар Волнаровски, Тихомир Кашмицоски, Игор Богоевски…

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.