Францускиот институт во Скопје организира промоција на преводот на македонски јазик на романот „Малечка“, во издание на „Или-или“, со што започнува одбележувањето на месецот на Франкофонијата низ повеќе македонски градови, во соработка со Амбасадата на Швајцарија.

Романот „Малечка“ ќе биде промовиран в среда, 6 март 2019 година, во 18 часот, во Францускиот институт во Скопје, во присуство на младата швајцарска авторка и авантуристка Сара Жислер и на ѓ-ѓа Жан Фам Тран, претставничка од француската издавачка куќа „Éditions des Équateurs”. Аниматор на вечерта ќе биде г-дин Игор Анѓелков од издавачката ќуќа „Или-или“.

За самиот настан е предвиден консекутивен превод. Инаку, романот „Малечка“ постигна голем успех на меѓународно ниво, а се работи за поучно четиво од млада девојка, којашто гневот го преобразува во одисеја. Нежно и низ хумор, оваа патничка што го обиколи целиот свет, раскажува за маките од детството, за нејзината одбивност кон униформираноста на општество, како и за жедта за слобода, преку која ги надминува сопствените стравови.

Родена сум во средината на деведесеттите години во семејство на разведени родители. Бев од оние деца кои растеа со клуч околу вратот, ги знаат на памет броевите за итни случаи и знаат како се готват тестенини уште пред да можат да ги досегнат тавите. Кога бев мала, се обидоа да ми објаснат дека сум слична на мајка ми, а татко ми бил презафатен со работни обврски. На училиште морав да ги слушав заморните наставници за тоа како се успева во животот. Подоцна, ми велеа дека работата в канцеларија била најдобрата за мене, дека наскоро ќе имам сопруг, куќа, деца, оти тоа е примарна потреба. На двесет години престанав да ги слушам луѓето и си заминав. Сама, автостоп и без пари в џеб. Ја пропатував Европа до Нордкап, со единствена цел да не останам каде што бев. Може да се каже и дека избегав. Тоа беше моето прво големо патување. Во оваа книга, сакав да ги раскажам на моите талкања, моите падови, но тоа дека патувањата ми беа спас, ќе напише Жислер.

Манифестациите во рамките на овогодишното одбележување на Франкофонијата ќе бидат целосно посветени на ликот и делото на швајцарскиот автор, патописец, фотограф и режисер, Никола Бувие.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.