По соопштувањето дека директорката на Драмски театар Викторија Рангелова е меѓу директорите кои ќе бидата сменети, Сања Арсовска на својот фејсбук профил напиша:

Стигна образложението со причините за промената на директорката на Драмски. Во него стои:
– преквалификувана за да ја извршува функцијата директор во околностите во кои се наоѓа културата и уметноста;
– поседува висок степен на личен и професионален интегритет;
– уметноста и е над партијата;
– работи законски;
– интересот на ансамблот и е пред своите лични и уште поскандалозно, пред интересите на поединци кои во животот се научени да им следува нешто и дека државата сè нешто ним им должи;
– театарот има голема заработка со доаѓањето на новата директорка, што финансиски гледано, остава впечаток дека многу совесно ја врши функцијата, а тоа не е добро за економијата;
– не користи службен телефон, службено возило и државни пари за презентација, плаќа службени средби и патувања од свој џеб со што го руши имиџот на останатите функционери и директори кои уживаат во привилегиите што доаѓаат со функциите;
– многу добро му тргна на театарот што е сериозна закана за промена на културолошките, веќе воспоставени принципи на шунт и примитивизам.

Се шалам, образложението не е стигнато, но, еве мала помош како да го срочат, зашто во него сè што би отстапувало од горенапишаното, ќе биде многу смешно. На нас ни е сеедно, зашто совршено ни е јасно кој губи во ситуацијава, пишува Арсовска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.