Академскиот сликар Рубенс Корубин, кој 27 години беше професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, денеска имаше средба со студенти на која зборуваше за своето творештво. Средбата се одржа во Чифте амам каде што од 8 октомври е отворена изложба со негови дела, насловена „Ателје, радоста на сликањето“. Таа е ретроспектива со која уметникот годинава одбележува два јубилеја – 70 години живот и 45 години од дипломирањето на Ликовната академија во Белград.

фото: МИА

Изложбата е организирана од Националната галерија и претставува 80-тина дела настанати во различни периоди и изработени во различни техники (акрилик, масло на платно, комбинирана техника…)

Корубин рече дека има три пораки за студентите гости на средбата кои го избрале сликарството за своја животна преокупација.

Прво, да се ценат себеси и својот талент, тоа е сепак еден дар од природата и не е за отфрлање. Второ, да бидат постојани, талентот мора да се негува исто како што на едно цвеќе му давате вода и сонце, и трето – да учат цел живот – изјави Корубин за МИА.

Натпревар со самиот себеси, рече, е она што го следело цело време.

Можеби имало и некои промени, не толку радикални, но никогаш не сум бегал од себеси и своите лични потреби. Едноставно, сметав дека морам да се следам себеси. И во тој контекст го развивам својот медиум – додаде Корубин.

Тоа им го кажа и на студентите кои го прашаа што е за него уметноста: „Чувство, мисла, емоционална интелигенција, кога човекот не се натпреварува со природата, туку со самиот себе“.

фото: МИА

За сликарството рече дека е независна работа што му дава многу слобода, а визуелната меморија и перцепција ја развил од детството зашто, како што рече, припаѓа на генерација која растела без телевизија и светот го препознавал најмногу преку стрипот: „Стрипот беше сѐ – географија, историја, личности – познати и измислени, авантура…“. Тоа му ја поттикнувало фантазијата да црта, па подоцна не се разделувал од блокчето за скици, а на патување со себе секогаш носи кутија со бои.

Изложбата содржи дела од неговата колекција, некои создадени уште од 1975, една година по дипломирањето, како и десетина цртежи, штафелај на кој слика, а во една просторија во галеријата е претставено и неговото ателје.

Имал желба да го прикаже својот работен простор во кој поминува најмногу време, каде што прави креација од структурата, светлината и личните моменти. Во ателјето заборава на сѐ, рече, и има чувство на лична трансформација.

Таму станувам друг човек – им рече Корубин на младите слушатели.

Тој потекнува од уметничко семејство. Негови колеги велат дека талентот го наследил од татко му, Миле Корубин, познат сликар од повоената генерација македонски уметници, а дека со името Рубенс од раѓање му бил зацртан успехот на голем уметник.

На средбата со сликарот присуствуваа студенти од ФЛУ, Американ колеџ и од Европскиот универзитет, како и средношколци од училиштето за ликовна уметност.

Изложбата во Чифте амам може да се посети до 31 октомври. Националната галерија објави и каталог подготвен од историчарот на уметноста Кирил Пенушлиски и покрај репродукции од делата на изложбата содржи и разговор со уметникот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.