Ценејќи го првенствено квалитетот на пристигнатите раскази на годинашниот Конкурс за краток расказ ги избравме најдобрите автори за годинава на кои денеска во кафиулето „Капри“ им беа врачени признанијата: првата награда на Лилјана Пандева за „Ронка леб“, втората награда на Светлана Камџијаш за „Татко“, третата награда на Катерина Илиќ за „Посета“, како и на авторката на расказот „Еден убав сончев ден“, Гордана Балеска, добитничка на една од откупните награди.

Останатите двајца добитници на откупни награди, Владо Јаневски за „Бегство“ и Марина Димитриева Ѓорѓиевска за „Аџи Харалампие“ не беа во можност да присуствуваат на свеченото врачување, па признанијата ќе им бидат доделени во друга пригода.

На настанот беше нагласено дека секој од шесте избрани раскази носи различен и видлив авторски белег со раскажувачка умешност да се доловат атмосферата и ликовите, а настанот што се опишува да се збогати со слоевитост на раскажувањето.

Селекторот на конкурсот, писателот Александар Прокопиев за квалитетот на пристигнатите раскази и за наградените на овој конкурс рече дека по едно читање и во неколку етапи, бројот на добрите раскази се смалувал за на крајот да дојде до овие шест раскази, кои ги задоволиле сите критериуми на добро напишан расказ: чувство за форма, дијалози, убав јазик, духовитост, што особено ѝ се допаднало на комисијата. Според Весна Дамчевска, дел од комисијата и уредничка на културната рубрика во „Нова Македонија“, Конкурсот за краток расказ е можност за излегување од анонимност на младите автори, но и потврда за веќе афирмираните писатели од чие мајсторство сѐ уште може да учат нивните следбеници. Годинава имавме друри три лауреати што досега немаат објавено книга, а наградата, како што рекоа ќе им биде поттик да продолжат да пишуваат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.