Издавачката куќа „Граѓански форум“ го објави српскиот превод на романот „Невидливи љубови“ од Владимир Јанковски. Преводот на изданието е на Алма Мујовиќ.

„Невидливи љубови“ е вториот роман на Владимир Јанковски, објавен во 2015 година. За оваа книга авторот го доби „Рациновото признание“ и беше македонски кандидат за меѓународната награда „Балканика“.

Според писателот Влада Урошевиќ, во дејствувањето на ликовите на овој роман „го насетуваме одгласот на оние младешки игри на Џорџо де Кирико со брат му Алберто, кога во ефемерните и банални случки и настани што ги опкружувале ги откривале метафизичките длабочини, што потоа ќе се преобрази во маѓепсувачките глетки на ’метафизичкото сликарство‘. Во талкањата низ Скопје што ги преземаат сите овие тројца наши современици ги препознаваме препораките на Гијом Аполинер, кој во потрага по чудесноста на современиот град ја предвидувал појавата на ’уметноста на прошетките‘ и дури го измислил името на таа нова уметност – ’амфионија‘. ’Инструмент на таа уметност и нејзин предмет е градот чиј еден дел треба да се помине така што во душата на амфионот или аматерот ќе се родат чувствата од областа на убавото и возвишеното…‘, вели во расказот на Аполинер Водител неговиот јунак, баронот Д’Ормезан. А, во откритието на необичните предмети на кои присуствуваме на страниците на ’Невидливите љубови‘ го наоѓаме, несомнено, сеќавањето за прошетките на Андре Бретон, кој во потрага по чудесниот предмет честопати талкал низ Болвјото пазариште, во северозападното париско предградие Порт де Клињанкур“.

Елизабета Шелева смета дека „романот на Јанковски постојано ја нагласува конститутивната моќ на Погледот, незаобиколното соучество на Другиот (во нашето идентитетско и естетско себезаокружување), како и улогата што во создавањето на сликата (односно, самата стварност) потполно несвесен за тоа, неминовно ја игра и самиот набљудувач. Во поглед на тоа, Јанковски типолошки се надоврзува на естетицизмот на големиот (или, можеби, последниот) англиски денди, Оскар Вајлд, запаметен по својата знаменита изјава, дека ’убавината се крие во очите на набљудувачот‘“.

Владимир Јанковски е роден во 1977 година, а завршил општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Работел како уредник во повеќе издавачки куќи.

Ги објавил следниве книги: „Скриени желби, немирни патувања“ (роман, 2020), „Невидливи љубови“ (роман, 2015), „Вечно сегашно време“ (роман, 2010), „Лицата на невидливиот град“ (заедно со Иван Блажев, фотоесеи, 2010), „Скопје со широко отворени очи“ (заедно со Иван Блажев, фотоесеј, 2008), „Огледало за загатката“ (2003, разговори со Влада Урошевиќ).

Активно се занимава со книжевен превод.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.