Програмата за култура на ВМРО-ДПМНЕ која неодамна беше презентирана пред јавноста од лидерот, на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ветува нови современи театри во Скопје, Прилеп и Охрид како и делегирани буџети за културните установи, намалување на ДДВ од 18 на 5% во културата, реконструкција на зградата Музеј на Македонија…

Оттогаш многубројни културни дејци се искажаа за програмата. Актерот Роберт Велјановски вели:

Единствениот политички субјект кој вистински се обидувал и се обидува да остави белег во културното живеење на Република Македонија, во нејзиното тридецениско опстојување како самостојна држава, без сомнение е ВМРО-ДПМНЕ. Жален е податокот што, наголемо и нашироко, креираниот наратив за “напредните” левичарски идеи во културата и уметноста резултираат со ситен (или крупен) бенефит за определен, тесен, избран круг на уметници кои својата од Бога дадена дарба ја крчмат за овоземен, материјален бенефит. Декларативните, бездејствени наративи на лево ориентираните политичко-уметнички дејци, секогаш кога нивната опција ја води државата, завршуваат без ниту еден сериозен проект, инфраструктурен или уметнички (исклучоците само го потврдуваат правилото), закон, мерка или стратешка цел. Притоа, остварувањето на личниот интерес, материјален или уметнички, го продаваат како национален. Треба ли поголем показ за ‘важноста’ на културата и уметноста кај “левичариве” од фактот дека во три години владеење имаа исто толку, три министри за култура!
Оттука, во презентираната изборна програма, која се однесува во делот на културата, евидентен е обидот за обнова на девастираната култура во Република Македонија. Презентираните цели и проекти во изборната програма, според моето скромно мислење, укажуваат на најмалку три работи:

Првата, овозможување на услови за уметничко творештво, што би значело продолжување на инвестирањето во капитални инфраструктурни инвестиции за развој на културата и уметноста. Не треба да се занемари фактот дека два од издвоените капиталните проекти се во Прилеп и Охрид, што укажува на тенденцијата за вистинска, а не декларативна, деметрополизација на културата во Република Македонија.
Втората, посветеност за развој и стимулирање на живата уметност, со сет мерки за даночни олеснувања во културата, како и сет мерки за стимулирање на бизнис сектотот за инвестирање во живата култура.
Третата, грижа за материјалното и нематеријалното културно наследство, каде како издвоен проект е презентирана дигитализацијата на материјалното и нематеријалното културно и уметничко наследство. Во овој контекст би ја издвоил и недвосмислената заложба во борбата за унапредување и зачувување на македонскиот јазик како идентитетско обележје на македонскиот народ.

И, за крајот, но не и како последно. Имам чувство дека презентираната изборна програма не е затворен догматски круг, туку напротив, таа е основа која овозможува надградба на презентираните проекти, но и можност за нови и современи идеи и размислувања кои би го потврдиле и збогатиле концептот за работа на полето на културата.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.