На покана на 21. Интернационален фестивал за изведбени уметности од Шангај, Кина, Рисима Рисимкин деновиве престојува во Шангај, каде ја претставува работата на Танц Фест Скопје и Скопје танцовиот театар.

Интернационалниот фестивал за изведбени уметности од Шангај се одвива на неколку нивоа, како панел дискусии, претстави и презентација на млади уметници. Во склоп на фестивалот се одвиваат повеќе форуми, како и Саем за изведувачки уметности. На овие настани присуствуваат преку четиристотини организации од четириесет и шест земји, се презентираат дваесет и шест претстави, има десет професионални панели, како и специјална програма ‘Театар за млади’. Покрај огромниот број на уметнички организации од Кина, како најголемите кинески агенции за изведувачки уметности, Шангај танцовиот театар, Гуанџо операта, Националниот балет на Кина и други, на настанот присуствуваат голем број на продуценти, програмери и уметнички директори, продукциски агенции и уметнички агенти од целиот свет, како и претставници на „Садлерс Велс“ театарот од Лондон, театарот „Џојси“ од Њујорк, Единбург фринге фестивалот, Асоцијацијата за танц од Шпанија, театарот „Ла скала” од Италија и други.

Рисимкин смета дека ова е извонредна прилика за создавање на нови конекции, споделување на искуствата и можност за пласман на наши уметници надвор, поточно низ целиот свет.

Навистина е извонредно да се биде во друштво на врвни уметници и организации од целиот свет, притоа со можност за презентација на нашите вредности и квалитетни програми и продукции, какви имаат „Танц Фест Скопје“ и Скопје танцовиот театар. Темпото е многу интензивно, огромен број на присутни и многу средби и состаноци. Имавме можност да ги видиме најновите достигнувања во областа на технологијата и уметноста, големи иновативни продукции беа презентирани, како и нови хоризонти во претприемништвото во изведбените уметности. Светот на изведбените уметности се развива со голема брзина на светско ниво, виртуелноста и новите технологии влегуваат на голема врата, со што се отвораат можности за нова публика. Основна цел за мене е да пренесам дел од овие искуства кај нас, за да можеме да го фатиме чекорот со светот. Мислам дека ќе има одлични идни проекти, вели таа.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.