Националната опера и балет како дел од 47. Мајски оперски вечери Ви го најавува бисерот на оперската уметност – „РИГОЛЕТО“, едно од најголемите и најсилни оперски ремек-дела на таткото на операта – великанот Џузепе Верди. 18 мaj 2019 (сабота) со почеток во 20:00 часот.
„Риголето“ на Џузепе Верди е драма на човечкиот живот која јасно, силно и емотивно ги прикажува скриените негативни карактеристики кај луѓето кои ги потиснуваат љубовта, слободата, радоста…
Трагична приказна за љубомора, одмазда и жртва. Напишана според драмата на Виктор Иго „Кралот се забавува“, „Риголето“ како опера е раскажана со возбудлив музички јазик и нејзиниот успех наназад низ историјата не се должи само на либретото, на трагичната судбина на насловниот лик, туку уште повеќе на прекрасните арии меѓу кои и (“La Donna è mobile”), и на воопшто, убавата мелодиска структура.
Во насловната улога ќе настапи баритонот Алберто Гаѕале од Италија. Тој бележи блескава кариера со репертоар кој вклучува над 70 улоги, а настапува во Миланската Скала, Виенската „Штац“ опера, Арена ди Верона како и во повеќето претижни оперски куќи низ Европа.
Во улогата на Џилда ќе настапи сопранот со префинета вокална техника, Линда Кампанела од Италија. Таа е редовен гостин на најпрестижните меѓународни оперски куќи настапувајќи низ целиот свет, а покрај тоа е престижен наставник по вокална техника и интерпретација на Вокалната Академија во Торино.
Во улогата на Војводата од Мантова ќе настапи Ифрим Космин од Романија, Владимир Саздовски како Спарафучил и Ирена Кавкалевска како Мадалена.
Диригент е Алесандро д’Агостини од Италија, кој и е добро познат на македонската публика, диригент со импозантна кариера низ голем број европски оперски куќи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.