Кинотеката организира ревија филмови на режисерот, сценарист и продуцент Митко Панов на 9, 10 и 11 декември во кинотечната сала. Филмофилите ќе имаат можност да ги видат неговите кратки филмови „Со кренати раце“ (креативен документарец на 9 декември во 18 часот)  „Ливада“ (игран) и долгометражниот документарец „Земјаци“, на 10 декември е долгометражниот игран филм „Војната заврши“ (18 часот) и следниот ден, на 11 декември (18 часот) ќе биде прикажан „Сведок“ (во кој славниот актер Бруно Ганц ја оствари неговата последна главна улога на филм).

Панов ќе биде присутен на проекциите и ќе одговара на прашањата на публиката.

Митко Панов (Скопје, 17.04.1963) студирал сликарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Во период од 1983 – 1988 студира филмска режија на Високото државно училиште за филм, телевизија и театар во Лоѓ, Полска. Првиот негов краток филм „Леб и Сол“  е снимен 1986 во бродоградилиштето „Ленин“ во Гдањск, местото каде што во 1980 година е формиран независниот синдикат „Солидарност“ и жариште на демократките промени во Полска во осумдесеттите години…

Панов со неговиот студентски филм „Со кренати раце“ (во полска продукција),снимен во 1985 година, е сосема нетипичен изданок. Тој филм по шест години, во 1991-та, учествува на фестивалот во Кан и ја добива „Златната палма“ за најдобар краткометражен филм. Претходно филмот исто добивал награди на фестивалите во Краков, Минхен,Тел Авив, Римини и Монте Касино, но наградата во Кан ја заокружи неговата приказна.

За краткиот документарец „Бериќет“, кој е дел од трилогијата „Човекот“ и „Трудот“  во 1995 на Меѓународниот филмски фестивал Исмаилија (Египет) доби Гран При за режија.

Панов со децени предава филм на Универзитети во САД и Европа. Еден од неговите студенти бил и режисерот Стив Меквин (Steve McQueen) од Англија, оскаровец со филмот  „12 години ропство“ (12 Years a Slave, 2014) и еден од најуспешните режисери последнава деценија во светот.

Екранизацијата на романот „Пиреј“ на Петре М. Андреевски останува негов сè уште неостварен филмски сон.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.