На 23 ноември (вторник), во 19.00 часот, во Музејот на град Скопје ќе биде отворена ретроспективната изложба на македонскиот сликар Жарко Јакимовски.

Жарко Јакимовски (1948) е доајен на македонската ликовна уметност, активен на полето на ликовната уметност кај нас речиси веќе 50 години. Добитник е на бројни награди и признанија, и тоа: Награда за цртеж „Климент Охридски“; Награда за сликарство „Лазар Личеноски“; Награда за сликарство „Нерешки мајстори“; Гран при на ДЛУМ на IV Зимски салон и др.

Oва е прво вакво ретроспективно претставување на творештвото на уметникот со ваков карактер, при што ќе бидат презентирани дела од сите главните фази во неговото сликарско и цртачко творештво.

Жарко Јакимовски студирал на Академијата за ликовни уметности во Љубљана (1970-1974), кај професорите Габриел Стубица, Јанез Берник и др., односно кај врвни мајстори од познатата традиција на љубљанската школа, од кои секако можел да ги прими сликарските вештини, пред сѐ цртежот како дисциплина, што понатаму е евидентно во неговото творештво. Индиректно, особено низ студиски престои во Холандија, Франција, Германија…, го „образувале“ големите мајстори на светската историја на уметноста, но и неисцрпната македонска ликовна традиција – средновековното фрескосликарство и иконопис. Во целото негово творештво можат да се видат назнаки за влијанија од тие европски искуства и секојдневни анализи на големите ремек-дела, но и на македонското традиционално, иконографско искуство во коешто уметникот наоѓа една извонредна врска – тоа е сликарството од Курбиново, фреските на Михаил и Евтихиј итн.

 

 

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.