Решивме да се занимаваме со проблемот зошто луѓето си одат од Македонија, односно од целиот Балкан. Што е тоа што ги тера луѓето да побегнат од нашава родна Македонија. Мислам дека со приказната за Канада станува комплетно јасно зошто луѓето ни бегаат, вели актерот на Македонскиот народен тетар (МНТ) Александар Микиќ за монодрамата „Торонто експрес“, која се подготовува во националниот театар.

Премиерата е закажана за 15 декември (среда), на малата сцена, а следната изведба е на 16 и на 20 декември.

„Торонто експрес“ е работена по мотивите на збирката есеи „Тибам штркот“ од авторот Зоран Спасов-Ѕоф. Режисер е Јордан Симонов, а главниот лик го толкува Микиќ.

Микиќ на денешната прес-конфренција рече дека одамна ја читал книгата „Тибам штркот“, уште додека авторот бил во Канада. Кога дошол во Скопје, му кажал дека сака да ја постави на сцена.

Навистина е инспиративна, има многу духовити приказни. Симонов се фати на јадицата и решивме да го поставиме. Мора да признаам дека имавме огромна и тешка работа. Тешко е од толкава книга да издвоиш работи кои би ги кажал на сцената, а кои би ги оставил луѓето да ги прочитаат во книгата. Најголемиот дел беше што да ставиме, што да избереме како есенција на претставата, вели Микиќ.

Авторот Спасов Ѕов вели дека книгата и претставата имаат допирни точки, далеку од тоа дека се идентични, а различни се главните ликови. Претставата има други ликови што не постојат во книгата.

Моја препорака е и двете да се изживеат – и книгата и претставата. Претставата е урнебесна, многу се смеам на секоја проба. Екипата е фантастична. Верувам дека долго време ќе се игра на сцената на МНТ, рече Ѕов.

Актерот и режисер Јордан Симонов објасни дека пред три години со Микиќ почнале да работат на адаптација на друга пиеса, но со почетокот на пандмијата, стигнала препораката од Министерството за култура да се работат проекти кои би вклучиле помалку луѓе на сцената, така што се нашле во ситуација во која морале да се одлучат да работат нешто друго.

Разговаравме со Микиќ и тој ми кажа дека има еден роман, збирка на есеи од школски другар која би сакал да ја работи како претстава. На 10 јануари 2021 година ја почнавме и до премиерата ќе поминат точно 340 дена. Откако го прочитав текстот, многу ми се допадна. Стилот на пишување, начинот на кој авторот Зоран Спасов Ѕов ги опишува работите.  Дојдов до идеја целото писание да го преведеме на сцена, но во други околности, да отидеме на едно ниво повисоко. Најдов многу фантастични работи во книгата и ќе беше многу жално да не ја префрлиме на сцена и да не направиме од тоа претстава. Има некои работи што публиката кога ќе дојде да ја гледа ќе ги види во претставата, некои работи што нема ќе ги прочита во книгата вели Симонов.

Благоја Бошковски работеше на адаптацијата на текстот, заедно со Микиќ и Симонов.

Микиќ и Симонов буквално ме израснаа во театарот и многу ми е драго што работам со нив. Првпат го запознав Ѕов и имавме одлична соработка. Го гледам дека навистина се смее на секоја проба, па кога се смее авторот, веројатно и публиката ќе се смее, вели Бошковски.

Како извршен продуцент се потпишува Виктор Рубен, сценографското решение е на Мартин Манев и костимограф е Роза Трајческа-Ристевска.

Од МНТ ја најавуваат и промоцијата на книгата „Торонто експрес“/„Тибам Штркот – апдејт“, која ќе се случи денеска, на 7 декември во просториите на книжарницата Литература во Ист Гејт Мол во 20 часот, а читателите со секоја купена книга добиваат ваучер/билет, кој ќе можат да го искористат во месеците што следат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.