Во рамките на меѓународната соработка, Националната галерија на Република Македонија ја организира изложбата „Рефлексија“ на македонскиот скулптор Жарко Башески. Изложбата ќе биде отворена на 12 ноември во Националната галерија на Косово во Приштина, а ќе биде достапна за јавноста од 12 ноември до 12 декември 2021 година.

Жарко Башески, роден во Прилеп во 1957 г., е македонски вајар и професор на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Дипломирал на ФЛУ во Скопје на Катедрата за вајарство во 1988 г. Постдипломските студии ги завршил на истиот Факултет во 1998 година. Од 2000 г. до денес работи како професор на ФЛУ во Скопје, во звањето редовен професор.

Интересот на уметничката дејност на Жарко Башески е свртен кон човекот. Оттаму произлегува и интересот за хиперреалистичниот пристап во оформувањето на концептот на неговите дела, кои во теоретската проекција го надминуваат и хиперреализмот, зборувајќи за животот и светот во кој што живееме, објаснуваат од Националната галерија.

Творештвото на Жарко Башески е изложувано во повеќе галерии и музеи во земјава, регионот, Европа и светот, а беше претставник и на Македонскиот павилјон на 54-тото Меѓународно уметничко биенале во Венеција во 2011 година.

Со учеството на изложбите „50 години хиперреалистична скулптура“, која е презентирана на сите континенти во светот, и „Корпус домини“ (во Кралската палата во Милано, 2021), на кои изложуваат влијателни светски уметници, како Маурицио Кателан, Дуан Хансон, Јозеф Бојс, Аи Вајвај, Јозеф Кошут, Кристијан Болтански и многу други, Башески го привлекува вниманието на галериите и музеите и постојано е присутен на значајни изложби во репрезентативни изложбени простори.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.