Во недела, 8 септември, со почеток во 19.00 часот, во Младинскиот културен центар, во рамки на фестивалот „Друга приказна“, издавачката куќа „Готен“ во соработка со здружението „КРОКОДИЛ“ од Белград и „Сепирок“ од Будумпешта организира разговор на тема „Соседи – соочување со сегашноста“. Како дел од програмата на разговорот ќе биде прикажан филмот „Untravel“ на Никола Мајдак и Ана Недељковиќ, а ќе бидат претставени и фотографии на Игор Чоко. Учесници во разговорот се Искра Гешоска (Македонија), Ана Недељковиќ (Србија), Румена Бужаровска (Македонија), Денеш Крушовски (Унгарија). Модератор на разговорот е Владимир Јанковски.

Во последните години, оживувањето на национализмот во земјите од Европската Унија стана толку силно што партиите од политичкиот мејнстрим се принудени да се свртат кон десницата, често отстапувајќи од своите суштински принципи на толеранција, отвореност и разноликост. Особено се погодени земјите од поранешниот комунистички блок, поради нивната слаба економска состојба и егзодусот на младите кон побогатите земји од Западна Европа. Со спроведување на политиката на страв, конзервативните „духови“ успеаја да профитираат не само од политиката на стравот туку и од незадоволството од економската нееднаквост. Најновите анкети покажуваат дека конзервативните, антимиграциски владејачки партии во Унгарија и Полска добиваат рекордна поддршка додека обединетоста на Европската Унија во врска со прашањето на имигрантите продолжува да слабее. Затворањето на границите претставува загрижувачко нарушување на човековите права гарантирани од Женевската конвенција и поставува сериозни хуманитарни прашања кои се однесуваат на суштинските вредности на западната цивилизација.

Во овој контекст, каква е политичката одговорност на уметникот? Или да го поставиме прашањето на поинаков начин: дали писателите мораат да пишуваат за одредена кауза? Дали уметниците заеднички можат да поттикнат здрави општествени промени во нивните локални заедници? Конечно, дали сегашноста е доволно важна за да се соочиме со неа во регионот каде што соочувањето со минатото сè уште е еден од најголемите предизвици и/или пречки?
Главната цел на проектот „Соседи – соочување со сегашноста“ е да ги вклучи уметниците и интелектуалците во интензивна дебата за современите околности во различни земји во регионот (Унгарија, Србија, Македонија) со цел да се влијае врз развојот на литературните и уметнички релации, отворањето на границите, како и да ги засили оние што се заинтересирани за културата, да ја промовира културата на дијалогот, помирувањето и повторното изградување на скршените врски особено во регионот на Западниот Балкан во релацијата со Централна Европа и земјите од Европската Унија од соседството, во момент на силен подем на конзервативизмот и новиот бран на етничко и национално повлекување поттикнати од економската криза и миграциските бранови од Средниот Исток низ Балканската рута (Грција-Македонија-Србија-Унгарија) кон политички и економски постабилните земји од Западна Европа.

Проектот „Соседи – соочување со сегашноста“ е партнерски проект на издавачката куќа „Готен“, здружението „КРОКОДИЛ“ од Србија и здружението „Сепирок“ од Унгарија. Проектот се реализира со финансиска поддршка на фондацијата „Алијанс“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.