Вечерва, во Градски парк, во 20,30 часот на отворено, со премиера на првиот македонски семеен детски филм „Стела“ на режисерот Стојан Вујичиќ во продукција на „Дрим фактори“ се отвора годинашното издание на Филмскиот фестивал на европски филм „Синедејс“. Премиерата е распродадена, информираат од Младинскиот културен центар (МКЦ), организатор на „Синедејс“, кој поради коронакризата наместо во ноември, првпат ќе се одржи во септември, на отворено.

Освен премиера на „Стела“, вечерва на програмата е музичкиот документарец „Лиам Галагер: Како што беше“ (МКЦ Парк, 21 часот) кој зборува за славниот англиски музичар и фронтмен на Оејзис, Лиам Галагер, и за неговото патешествие да направи соло-камбек на музичката сцена со деби-албумот „As You Were“, неколку години по напуштањето на рок-бендот во 2009 година. Ова е емотивна приказна како Галагер стига од вртоглавите височини за време на златните години во Оејзис, до живот на работ, губејќи се во музичката дивина на здодевност, алкохол и горчливи правни битки.

Затворањето на Фестивалот е со македонската премиера на „Хомо“ на Игор Иванов-Изи на 24 септември.

Слоганот на Синедејс е „Филм на секое платно“, а Фестивалот ќе се одржува на девет локации низ Скопје: Градски парк, Паркот на Младинскиот културен центар (МКЦ), Парк Ибни Пајко, Кино Влае, Парк Кисела Вода, Кино Напредок, Кино Маџари, Дом на градежници „Кочо Рацин“ и кровот на Градскиот трговски центар (ГТЦ).

„Филмот ‘Стела’ е првата домашна еко или зелена продукција. Бевме водени од најновите светски еколошки стандарди, да го намалиме производството на отпад на минимум, да ја намалиме емисијата на штетни гасови, да го рециклираме отпадот и слично. Инаку, снимањето на филмот се одвиваше во Скопје, а потоа продолжи во Галичник и на падините на планината Бистра, а заврши во Штутгарт, Германија“, вели продуцентот Огнен Антов.

Програмата е намалена следствено на фестивалските денови. Ќе ги погледнеме најновите остварувања на Озон, Пуиу, Винтенберг, Срѓан Голубовиќ. Оваа година првпат ќе има и поп-ап кино кое ќе се одржува на најавите локации и ќе биде бесплатно.

Селектор на програмата е Бернд Будер. Ќе бидат прикажани 40 филмови во Официјална селекција, Гала програма, Музички документарци, МК во ЕУ, МК премиери, СЕЕ програма, ФДУ ретро, Детска програма, музичка селекција од концерти во специјалната програма на фестивалот – синЕмјзуик.

За програмата во Градскиот парк, паркот Ибни Пајко и МКЦ парк, билетите по цена од 100 денари може да купат онлајн, преку bileti.mkc.mk како и на самиот влез на овие локации. За филмовите од поп-ап киното бесплатни билети може да се набават само онлајн (bileti.mkc.mk).

Влезот за музичката програма е бесплатен, освен концертот на ЗЏМ Колектив, за кој ќе билетите бидат по 300 денари.

Од МКЦ велат дека поради ситуацијата со ковид-19, бројот на билети е редуциран.

Ова издание на „Синедејс“ ќе донесе и скопска премиера на филмот „ТМ“ на Ивица Димитријевиќ, кој е единствен долгометражен филм во македонската кинематорграфија снимен со нула денари буџет.

Организаторот најави и специјална музичка програма која се отвора во петок, со настап на бендот „Љубојна“ кои ќе се претстават со музика работена за филмот „Стела“. За затворањето на Фестивалот ќе настапи ЗЏМ колективот, придружуван од гудачки оркестар, составен од музичари на Националната опера и балет и од Филхармонија. Диригент ќе биде Џијан Емин.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.