Раководителката на Катедрата за македонски јазик, Искра Пановска-Димкова ги демантира изјавите на претседателoт на МАНУ, Љупчо Коцарев, кој неодамна во јавноста изнесе тврдења дека ќе се укинуваат катедрите по македонски јазик и македонска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Таа вели дека нема таква реформа во најава и никој не би се дрзнал да чепне во интегритетот на Катедрата за македонски јазик.

Во однос на тврдењата за укинување на Катедрата за македонски јазик, изнесени по медиумите од страна на претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, сакам да укажам дека станува збор за чисти измислици, но и уште пострашно за опасни манипулации и инсинуации истовремено. За жал, тоа се случува токму во годината на чествувањето на 100-годишнината од раѓањето на нашиот патрон и професор – Блаже Конески. Имено, претседателот на МАНУ во својата изјава кажува тешки зборови кои не ги поткрепува со ниту еден каков било доказ, истовремено не посочува ниту една институција, а не пак лице кое евентуално би се зафатило со укинување на Катедрата за македонски јазик. Категорично тврдам дека досега од ниту едно место до мене како раководител на Катедрата за македонски јазик, не допреле какви било „гласини” дека такво нешто се подготвува од некаде. Во целост сум убедена дека Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ никогаш не би завлегол во некоја таква реформа. Во таа смисла, барам под итно членовите на МАНУ, како највисока академска институција, да се оградaт од ставовите на претседателoт на Академијата, Љупчо Коцарев, изнесени по медиумите.

Истовремено ја уверувам македонската јавност дека до колку некој поединец или институција би се дрзнале да чепнат во интегритетот на Катедрата за македонски јазик, ние сите до еден ќе се бориме тоа да го спречиме со сите средства и на сите начини, напиша Пановска-Димкова на својот Фејсбук профил.

Во однос на тврдењата за укинување на Катедрата за македонски јазик, изнесени по медиумите од страна на претседателот на…

Posted by Iskra Panovska-Dimkova on Sunday, 28 February 2021

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.