Во селото Глобочани, општина Пустец, почна со работа Музејот на Стерјо Спасе, познат албански писател со македонско потекло, родум од ова малопреспанско село.

На свеченоста присуствуваше и македонскиот амбасадор во Тирана, Данчо Марковски, како и синот на Стерјо, Илинден Спасе.

Музејот на Стерјо Спасе е дел од проектите Smart_Cul_Tour, кофинансирани од ЕУ во рамки на вториот повик од ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Македонија и Република Албанија, 2014-2020 година.

Овој проект го поттикнува туризмот, го штити и промовира културното и природното наследство на целните региони со цел да се овозможи рамномерен и одржлив социо-економски развој во прекуграничниот регион Пелагонија и Корча. Глобочани е културна тангента меѓу Македонија и Албанија, објави македонската амбасада.

Проектот беше спроведен од пет партнери од двете соседни земји и тоа општина Битола – водечки партнер, како и општина Пустец, НУ „Завод и музеј” – Битола, Управата за заштита на културното наследство – Корча и младинскиот културен центар – Битола, партнери.

Благодарение на поддршката од Европската Унија и преку проектот SMART CUL TOUR, некогашното училиште, каде учел самиот тој, денеска музејот реалност. Поектот SMART CUL TOUR е во целосна согласност со иницијативите на Европската Унија и е конкретен пример за плодна и успешна соработка. Првиот музеј во регионот на Преспа е веќе нова дестинација која додава дополнителна вредност на ово прекрасно подрачjе, рече Пали Колефски градоначалник на општина Пустец.

Стерјо Спасе, роден е во село Глобочени, Мала Преспа во 1914 а починал во Тирана, 1989 годна. Тој е познат писател со македонско потекло и е еден од основоположниците и најзначајните претставници на современата албанска литература. Познат е и како антологичар, преведувач, учебникар и собирач на македонски народни умотворби во Мала Преспа. Покрај во Албанија, се школувал на Универзитетот Флоренца во Италија, додека магистрирал во тогашниот СССР. Автор е на петнаесеттина романи и многу раскази. Негово најпознато книжевно дело е романот „Од живот за живот – зошто?”,кој е напишан во вид на дневник и се фокусира на една трагична дилема на млад интелектуалец на село. И неговиот син Илинден Спасе, универзитетски професор во пензија, пишува на албански и на македонски јазик. Автор е на повеќе збирки раскази. Член е на Друштвото на писателите на Република Македонија. Синот на Илинден, Аријан Спасе е дипломат од кариера.

Албанскиот претседател Илир Мета, пред три години, постхумно го одликува со признанието „Витез на редот на знамето”. Тогаш Мета рече дека неговиот познат роман „Зошто” го најавил создавањето на современа литература во Албанија, додавајќи дека Стерјо Спасе е значајна личност не само во Албанија туку на Балканот и Европа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.