Првпат во историјата на доделувањето на наградите „Златен глобус“, три режисерки успеаја да влезат во најтесниот избор за наградата за најдобра режија на овогодишната манифестација.

Реџина Кинг, Емералд Фенел и Клои Жао се режисерките кои на 28 февруари ќе се борат за титулата најдобра филмска режија за наградата „Златен глобус“.

Во 77 години долгата историја на Златен глобус, само пет жени успеале да влезат во најтесен избор за овој вид награда, па со самото тоа овогодишниот успех на режисерките е навистина посебен.

Освен овогодишните номинации, низ историјата на Златните глобуси, пет жени кои успеале да влезат во најтесниот круг за награда за најдобра режија се Барбра Страјсенд, Џејн Кемпион, Софија Копола, Ава Дувернеј и Кетрин Бигелоу.

Реџина Кинг оваа година на Златниот глобус се претставува со филмот „One Night In Miami“, Фенел на „Promising Young Woman“, додека Клои Жао своето работење ќе го претстави низ филмот „Nomadland“.

Покрај нив, за наградата за најдобра режија ќе се бора и Дејвид Финчер со филмот „Mank“ (6 номинации) и Арон Соркин чиј филм „The Trial of the Chicago 7“ доби вкупно 5 номинации.

Кога станува збор за ТВ серии, најмногу номинации за Златен глобус има серијата на „Netflix“ – „The Crown“ (вкупно 6 номинации), потоа следи серијата „Schitt‘s Creek“ со 5 номинации, сериите „Ozark“ и „The Undoing„ со 4 номинации и сериите „The Great“ и „Ratched“ кои имаат по 3 номинации.

Доделувањето на Златните глобуси ќе ја водат актерките Тина Феј и Ејми Полер, виртуелно.

За разлика од претходните години, годинашното доделување на Златен глобус се одржува малку подоцна од вообичаеното, а причина за ваквата одлука е пандемијата на коронавирусот, којашто целосно ги смени плановите и во филмската индустрија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.