Во организација на дискографската куќа ПМГЏЕЗ на 23 и 24 јули, во паркот позади Младинскиот културен центар ќе биде одржаното првото издание на фестивалот „Крај Вардарот Џез“. Фестивалот е производ на оваа дискографска куќа, која постои од 2018 година и досега има издадено 14 изданија современ македонски џез, а идејни творци се џез музичарот Владан Дробицки и музичарот и продуцент Мирко Попов.

Културолошката заложба на ПМГЏЕЗ е пронаоѓање, создавање, снимање, издавање и промоција на квалитетна македонска џез, етно, кросовер музика.  Поголем дел од музичките автори, кои имаат издадено за оваа дискографска куќа ќе настапат на фестивалот, кој е поддржан од Министерството за култура.

Инспирирани од одличната работа на нашиот лејбл ПМГЏЕЗ во изминативе неколку години, цврсто верувавме дека треба да направиме и џез фестивал. Успеавме да ја материјализираме нашата идејна замисла. Фестивалот нема да биде строго ограничен на канонско сфаќање на џезот, туку ќе биде отворен за музички излети и авантури. Во центарот на нашиот интерес се македонските џез музичари и амбицијата да се подигне квалитетот на нивниот перформанс, но секако и подигнување на нивниот профил во очите на домашната јавност. Незадоволни од односот на нашето општество кон оваа култура, а пред се кон нејзините локални чинители, ПМГЏЕЗ и Крај Вардарот… се во мисија за подобрување на атмосферата и условите за работа, издаваштво и промоција на македонската џез музика“, велат организаторите на фестивалот.

Првата фестивалска вечер ќе почне во 19.45 часот со настапот на скопскиот џез музичар Филип Букршлиев, кој ќе отвири композиции од неговиот соло гитарски албум „Don’t go away mad because the Duke is not coming back“.

По него настапува веројатно најквалитетниот џез состав во земјава, ветераните „Сетстат“. Музичари, кои 30 години се френетично активни на музичката сцена. Квалитетот на нивните изданија е во постојан подем, а нивниот настап во живо е уникатно музичко доживување, нешто што се памети и за кое долго се дискутира низ возбуда.

Скопските „Зулу 3.4“ кои неодамна го издадоа својот втор албум се еден од најинтересните млади џез состави, кои се обидуваат да се стекнат со кредибилитет на нашата сцена. Извонредно свежи, интересни и квалитетни, ќе бидат вистински предизвик за џез сладокусците и добронамерната публика.

Вечерта ќе ја заокружи „Кантон6Квартет“ техно-џез хибрид, во состав Мирко Попов, Синиша Евтимов, Владан Дробицки и Панче Бујуклиев.

Следната вечер, фестивалот ќе започне во 20 часот.

Настапува светски реномираниот, македонски џез хармоникаш и мулти-инструменталист Јордан Костов со неговиот квинтет, кој поголемиот дел од времето го минува патувајќи, компонирајќи и соработувајќи со голем број музичари од светот.

Јордан Костов

По него џез триото „Cobalt code unit“, кое го сочинуваат музичарите Благојче Томевски (кларинет, перкусии, вокал), Благоја Глигоровски (гитара) и Драган Теодосиев (тапани).

За крај, скопскиот состав „Светлост: Одрон Ритуал Оркестар“, луѓе кои со нивниот албум „Odron Ritual Orchestra“ издаден за ПМГЏЕЗ минатата година, успеаја да влезат во сите порелевантни светски топ листи за најдобар џез албум за 2019 година. Во „Светлост“ членуваат 11 музичари на сцена, што го прави нивниот настап вистинска атракција за публиката.

Во „Светлост: Одрон Ритуал Оркестар“ има 11 члена

Влезницата е симболични 100 денари, а двете фестивалски вечери ќе се одвиваат според сите протоколи предвидени за организација на настани од овој тип, поради актуелната ситуација со коронавирусот.

Задолжително е носење маска, столчињата ќе бидат поставени на 2 метри растојание.

Организаторите на фестивалот апелираат до публиката да се држи до сите норми на однесување, се со цел да се заштитиме меѓусебе и наедно да покажеме пример дека настаните од културата можат да се одвиваат безбедно и во вакви услови.

Бројот на посетители е ограничен на 300 седишта.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.