„Види нови светови и остани дете“ е мотото на првото издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“ 2022 кој почнува в петок, на 30 септември во организација на Театарот за деца и младинци (ТДМ).

Ни пристигнаа 17 апликации од повеќе земји, ние селектиравме девет продукции кои ќе настапат на Фестивалот. Организацијата на Фестивалот за нас е од големо значење и посебно ни е важно што Фестивалот ќе го носи името на нашиот прерано починат колега Игор Маџиров. Сите ние емтовино сме врзани со Игор, кој беше член на нашиот ансамбл, изјави директоротката на ТДМ Катарина Илиевска Силјановска.

На отворањето на Фестивалот на Игор Маџиров постхумно ќе му биде доделено посебно признание за трајни вредности, соопштија од ТДМ.

Фестивалот, кој ќе трае до 4. октомври се отвора со претставата на ТДМ „Том Соер“, во 19 часот. В сабота, на први октомври гостува Градски театар „Жар птица“ од Загеб (Хрватска) со претставата „Авантурите на барон Минхаузен“ во 11 часот, а во 19 часот е „Тивкото момче“ на Детскиот тетар од Крагуевац (Србија). В недела, на 2 октомври, (11 часот) гостува Градскиот театар од Подгорица, Црна Гора со „Маца папучарката“. Во Албанскиот тетар за деца и младинци во скопската Стара Чаршија во 17 часот е „Вечерва не сум сама“, на ансамблот на Албански театар за деца и младинци, а вечерта, во 19 часот во ТДМ е „Авантурите на малиот ју ју“ на Градски театар Ријека (Хрватска). На 3 октомври, во недела, во 11 часот во ТДМ гостува театарот „Бабец“ од Битола со „Јованче и Марика“, во 17 часот во Театар Комедија е италјанската претстава „До границата“ на Театарската компанија „Петра“, а Фестивалот се затвора со „Жирафа“ на Театарот „Хоп Сињор“ од Атина, Грција.

Не знам како поинаку би го крстиле овој Фестивал освен Игор Маџиров. Среќен сум и возбуден што ми се остварија две желби – едната да организираме Фестивал, а другата Фестивалот да се вика Игор Маџиров. Тој беше многу важен човек и се уште е важен во нашите животи. Тој беше срцето и душата на овој Театар, рече актерот Драган Довлев, дел од Советот на Фестивалот.

Довлев посака овој фестивал да прерасне во традиција.

Би сакал да растеме од година во година, и со гости и со квалитет, рече Довлев.

Фестивалот ќе биде со натпреварувачки карактер и ќе се доделуваат седум награди за кои ќе одлучува интернационална жири комисија составена од три члена. Наградите што ќе ги доделува фестивалот се: Гранд при награда за најдобра претстава во целина; Награда за најдобра режија; Награда за најдобра машка улога; Награда за најдобра женска улога; Награда за најдобра сценографија; Награда за најдобра костимографија; Специјална награда.

Покрај главната натпреварувачка програма, фестивалот ќе има и придружна програма во која ќе се одржат работилници, семинари, дебати посветени на куклениот, детскиот и младинскиот театар.

Упатувам порака до сите деца и родители. Дојдете во детскиот театар, гледајте претстави и откријте нови светови. За миг побегнете од компјутерската реалност, истакна Изабела Новотни актерка, која е член на Советот на фестивалот.

Билетите за сите претстави ќе чинат 200 денари.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.