Вечер со почеток од 20 часот во Галеријата на МКЦ ќе биде отворена првата самостојна изложба на Стефан Младеновски под наслов „Дела на хартија“. На изложбата ќе може да се видат 35 цртежи, од кои 34 работени во 2019 и еден во 2018 година.

Стефан Младеновски како млад автор, апсолвент на графичкиот оддел при ФЛУ во Скопје, со цртежите на оваа изложба го преиспитува резултатот од редуктивниот избор со концепт од појдовната премиса: „мојот идентитет во моето творештво“… Од изложените цртежи читлив е ставот кон сопствените релевантни регистри, сигнирани впечатоци поентирани во знаковна и просторна димензија. Неговиот ракопис е спонтан, потребата својот нагон кон креативното дејствување да е во функција сѐ додека непосредниот потег на раката креира линија, форма, напишан збор… Приоѓајќи кон композициските решенија во предвидениот формат се обидува сликовноста да ја организира имајќи надзор кон импровизацијата. А со динамиката во обликување на визуелниот впечаток ги „дисциплинира“ знаковните ритмирања. Настојува креативниот импулс да не биде примарно воден со афектација и автоматизам, туку ја проектира духовната насоченост со промислен, пластично-визуелен сензибилитет. Со геустален артизам ги обликува сетилните впечатоци без оптеретени композициски аражмани, елементарно фрагментирани и визуелно јасни. Стефан Младеновски со оваа своја прва самостојна изложба ветува дека и во иднина сериозно ќе се насочува кон надградба на ликовните умеења во доменот на цртежот и графиката. Верувам дека со оваа доследност со која сега ги евидентира апстрахираните, миметички обликувани предели, тука егзистирајќи како „миг на пријатна доволност“, и во следните изложби успешно ќе ги промовира авторските предиспозиции, кои секогаш, само преку творечката енергија, се пресоздаваат во своевидна анатомија на стварноста, пишува проф. м-р Мирко Вујисиќ.

Стефан Младеновски е роден 28.6.1996 во Крива Паланка. Средно образование завршил во ДСУЛУД „Лазар Личеноски“ – Скопје, оддел графика. Апсолвент е на Факултетот за ликовни уметности – Скопје, оддел графика, класа на проф. м-р Зоран Јакимовски. Добитник е на студентската награда за графика „Драгутин Аврамовски – Гуте“ – 2018. Учесник е на 12-та Графичка работилница „Софија“ – Богданци, 2019. Групни изложби: 2018 – Тетово, Осмо меѓународно биенале на мала графика, Дом на култура 2018 – Скопје, IV Меѓународна „Ex Libris“ изложба, Отворено графичко студио 2018 – Скопје, Young art, Мала станица 2019 – Скопје, Сирова култура, МКЦ 2019 – Скопје, Графичко триенале 4 (Графичка работилница „Софија“ – Богданци), Музеј на град Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.