Еден од главните настани изминатата недела во областа на музичката култура беа трите промотивни концерти на кои пред јавноста беше предаставено едно несекојдневно, исклучително важно и, дури во пошироки рамки – ретко издание. Станува збор за вториот и третиот том од циклусот „COMPENDIUM MUSICUM“ со наслов РОМАНТИЗАМ И ИМПРЕСИОНИЗАМ во кој се поместени повеќе (четриесетина) маркантни композиции од големите мајстори на спомнатите епохи. Она што нив ги прави посебни е фактот што во селекцијата и редакцијата на композициите учествуваа нашата истакната пијанистка, музички педагог и публицист м-р Снежана Анастасова Чадиковска и младиот пијанист м-р Стојанчо Баковски. Посебни, – затоа што во нив всушност на извесен видлив и „опиплив“ начин е вградено долгогодишното педагошко и пијанистичко искуство на Чадиковска, – професорката од чија што школа излегоа голем (или можеи: најголем) дел наши пијанисти што денес концертрираат во Македонија и во светот и кои што во текот на своите студии добија стотици државни и меѓународни награди. Тоа несекојдневно (не само за наши рамки) педагошко искуство и знаење е вградено во оваа едиција, односно, конкретно во овие два тома, со што нашата пијанистичка педагогија го доби досега најдрагоцениот подарок што може, не само битно да влијае, ами и да ја трасира иднината на пијанистичката педагогија кај нас.
Инаку, збирките се во издание на Музичкиот издавачки центар кој, како и во сите изданија до сега, се потрудил тоа да биде според највисоките светски графички и визуелни стандарди за ваков вид литература ангажирајќи некои од веќе докажаните имиња во своите области (дизајнерот Методија Ачевски, нотографот Јана Бојовиќ, главниот уредник Марко Коловски). Збирките се скромно подпомогнати од Министерството за култура, но особена важност имаат поддршките од АД Алкалоид Скопје и АД Триглав осигурување, без чија што помош нивното издавање и организацијата на промотивните концерти практично ќе беше невозможна. Затоа – голема благодарност до нив и поттик и натаму да продолжат да подржуваат важни проекти од културата.
Промотивните концерти на кои беа претставени збирките Пиеси за пијано – Романтизан и Импресионизам, 2 и 3, се одржаа во Скопје, Кавадарци и Гевгелија. И предизвикаа голем интерес. Меѓу другото и заради фактот што на овие концерти младите пијанисти (четиринаесет на број) од музичките училишта од Македонија имаа можност да исполнат дел од композициите содржани во нив, и да се претстават во својата најубава светлина. Пиететот што и тие и нивните професори го имат кон делото на проф. Снежана Анастасова Чадиковска беше дополнителен поттик да дадат сѐ од себе и да го зајакнат неподелениот впечаток дека пред нив се наоѓа убава иднина. Присуството и исказите на промоторот проф. м-р Евушка Трпкова Елезовиќ (истакната пијанистка и поранешен декан на ФМУ) и на воведничарот – уредникот и музиколог Марко Коловски беа драгоцен придонес во адекватното претставување на ова исклучително издание во македонската музичка култура. Кон сево ова треба да се додаде дека промотивниот концерт во Кавадарци го организираше ООМБУ „Лазо Мицев Рале“, а во Гевгелија – Фондацијата „Аполонија“ со помош на исклучителниот ангажман на Љубица и Ѓорѓи Улишеви.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.