Во присуство на љубителите на пишаниот збор и на група млади поети, вчеравечер (21 ноември) во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“ беше промовирана стихозбирката „Дното се стеснува“ од Кирил Бисероски. Настанот беше збогатен со поетски перформанс на кој стихови читаа членови на популарната фејсбук-група „Размена на книги и книжевни муабети“. Тие ги интерпретираа своите фаворити од „Дното се стеснува“, по што следеше и дискусија.
Книгата, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е дебитантско поетско (и, воопшто, книжевно) остварување на филозофот Бисероски.

Промоторот и рецензент на книгата, писателот Иван Шопов, истакна дека „првите книжевни обиди на речиси секој млад автор се најчесто поетски, но ретко кога се толку успешни како оние во ’Дното се стеснува‘ на Кирил Бисероски“.

Пишувани во текот на неколкугодишен период од животот на авторот – инаку дипломиран филозоф – тие не само што одразуваат уникатни интереси, туку и го прават тоа на еден исклучителен начин. И едното и другото се одлики на зрели поети; и едното и другото се сè поотсутни од современата, и не само македонска, книжевност. Доволно е да се фрли и еден кус поглед на содржината од „Дното се стеснува“ за да се воочи дискрепанцијата меѓу она што сме се навикнале да го сметаме за поетска тема и она што се одлучил да го вообликува во стих Бисероски: едноставно кажано, голем дел од насловите како да не припаѓаат на поетска збирка. Всушност, еден цел поделок од дебитантското книжевно остварување на Бисероски – „Во топлината на мртвите нешта“ – се занимава со теми кои ретко (ако и воопшто) се предмет на поетска вивисекција: „Лице со меланом“, „Оптичка леќа“, „Филџан со талог од кафе“, „Поликарбонат“ – рече Шопов.

Книгата е поделена на пет тематски целини, кои содржат вкупно 88 песни. Иако една од песните е веројатно посветена на Радован Павловски, голем дел од стиховите во оваа книга како да немаат свои претходници – или, барем, како тие да не твореле на јазикот на кој се напишани песните од оваа збирка.

Љубовта кон поезијата се роди откако за првпат го читав Бодлер, во седмо или осмо одделение. Оттогаш и творам. Во збирката има песни во првобитни верзии и стихови настанати во средношколските денови. Најновите се стари неколку години. Некои од нив имаат свои приказни, но задача на песните е сите нив да ги вградат и укинат во себеси, како што во сонетот од Маларме, пепелта мора да отпадне за да може да се извишува чадот од пурата (духот), рече Бисероски.

Авторот е роден 1984 година во Прилеп. Средно образование завршил во Битола, а високо (Филозофски факултет – група филозофија) во Скопје. Живее и работи во Прилеп. Коавтор е на една студија од областа на здравството и повеќе преводи. Објавувал поезија и теоретски статии во неколку списанија и интернет-портали.

Стихозбирката е достапна во книжарниците „Литература.мк“: на улицата „Македонија“, во ТЦ „Рамстор“, „Скопје сити мол“, „Веро Центар“, во Градскиот трговски центар ‒ Скопје и во Битола на ул. „Широк Сокак“ бр. 40, а може да се нарача и онлајн на www.literatura.mk.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.