Театарот некој мора да го гледа и да го консумира, а и самиот тој мора да профитира. Ние не сме навикнати да говориме за театарот на овој начин, туку секогаш е од висина, гледајќи го како нешто што е специјално, свето и не е за секого. Но, ако не е за секого, тогаш тој и не постои, посочи пензионираната професорка на Факултетот за драмски уметности, Јелена Лужина, за делото „Да се почне одново“ од реномираниот светски театрологот Драган Клaиќ.

Како преведувач на ова исклучително темелна и важна книга посветена на театарот, Лужина истакна голем број поенти за денешниот театар и за проблемите со кои се соочува на вчерашната онлајн-промоција што се одржа на фејсбук-страницата „Литература.мк“. „Да се почне одново“ неодамна беше издадена од „Арс Либрис“ и веќе е достапна во сите книжарници „Литература.мк“ или може да се нарача онлајн на интернет-страницата www.literatura.mk.

Онлајн-промоцијата ја водеше уредникот на делото, Ведран Диздаревиќ, кој кажа дека се работи за книга што е многу прагматична, апликативна и полемична со оглед на тоа што ја зема уметноста и ја анализира без притоа да ја мистифицира. Авторот Клаиќ е роден во 1950 година и дипломирал на Факултетот за драмски уметности во Белград во истата класа со нашиот драмски писател Русомир Богдановски и со Душан Ковачевиќ, кој е познат и како автор на „Маратонците го трчаат последниот круг“. Сепак, Клаиќ се посветува на театрологијата и прво станува асистент по предметот Историја на светската драма и театар.

Професорот Слободан Селениќ велеше дека Драган е неговиот најуспешен студент на сите времиња кој никогаш не напишал ништо. Беше егзактна, темелна и ефикасна личност, а потоа и докторира на универзитетот „Јејл“, што е огромно достигнување. Инаку, интересно е дека Клаиќ организираше и комплетно комерцијална турнеја низ Америка на претставата „Ослободување на Скопје“, каде што и „Леб и сол“ настапуваа во живо. Не беа поддржани од никого и беа на турнеја 70 дена – се присети Лужина, која воедно се познавала со Клаиќ и многу години биле соработници и пријатели.

Вели дека тој бил роден продуцент, но на почетокот на деведесеттите заминал во Амстердам, каде што веднаш бил назначен за шеф на театарскиот институт во Холандија. „Да се почне одново“ е негова последна книга со оглед на тоа што починал во 2011 година, но станува збор за дело што не се занимава со шпекулации, туку со теорија и методи што авторот ги има пробано и почувствувано на сопствената кожа.

Моделот на субвенционирање на театрите секаде, а особено во транзициските држави како нашата, е неодржлив затоа што субвенциите се трошат. Потребни се нови поинакви организациски модели и нов пристап во уметничкиот дел. Со времето се менува и начинот на перципирање на уметноста и театарот мора да најде нов начин за да опстои. Клаиќ во последните неколку поглавја најмногу се врти кон неколку значајни прашања, односно публиката и нејзиното едуцирање; глобализираниот свет во кој театарот мора да најде свое место и можеби најважното е начинот на менаџирање на театарот што не може да се спроведува на истиот начин на кој се учи и се прави досега, појаснува професорката Лужина.

Клаиќ вели дека нема готови решенија на проблемот и најголема грешка е да се земе готов модел што е успешен во Америка и да се пренесе во друга земја затоа што нема универзален одговор што е апликативен секаде. Во „Да се почне одново“ е посочено дека проблемите се провлекуваат со децении наназад и мораат да се направат промени. Додека Лужина, анализирајќи ја состојбата на театарот во земјава, истакна дека денес во земјава има 16 институционални театри (и два во Македонската опера и балет).

Се поставува прашањето зошто? Секаде има репертоарен и комерцијален театар. Репертоарниот театар е тој што треба да ги задржи класичните светски и домашни дела, но со ново читање, а комерцијалниот е тој што треба да се сврти кон покомерцијални дела и да ја забавува публиката. Но, денес имаме театри што се мешавина и од едното и од другото и немаат свој идентитет – вели Лужина и додава дека и домашните театарски професионалци мораат да внесат промени со оглед на тоа што конкуренцијата која доаѓа од новите медиуми е неверојатна.

Јелена Лужина дипломирала на Филозофскиот факултет во Загреб на темата „Југословенска и компаративна книжевност“ и во Хрватска работела како раководител во културни институции, драматург и професор во високото образование. Од 1987 година, живее и работи во Македонија. Докторирала на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Била професорка на Факултетот за драмски уметности во Скопје по предметите Македонска драма и театар и Теорија и методологија на театролошките истражувања. Авторка е на голем број студии и монографии, приредувач на различни антологии и преведувач на уметнички и стручни текстови. Дел од нејзините дела се: „Македонската битова драма“, 1995; „Македонската нова драма“, 1996; „Ристо Шишков“, 2002; „Илија Милчин“, 2003; „Петре Прличко“, 2004; и многу други.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.